Руската православна црква (РПЦ) најави дека планира значително да го зголеми бројот на воените свештеници, за да обезбеди „поголема духовна поддршка на војниците во зоната на конфликтот во Украина“. Во моментов, околу 300 свештеници служат во оваа функција, но РПЦ има за цел да го зголеми бројот на 1.500, пренесува Комерсант.
Митрополитот Кирил ја истакнал потребата од повеќе свештеници за „зајакнување на моралната отпорност на воениот персонал и спречување на дехуманизација за време на борбите“.
„Работата на воените свештеници е главниот услов за победа во оваа војна“, според главниот воен свештеник на Руската православна црква Дмитри Василенков. „Војникот што е верник ја разбира целта на војната, па дури и во услови на екстремна бруталност, не дозволува да стане ѕвер“, вели тој.
За верникот е „полесно да излезе на линијата на огнот и да се соочи со смртта“, а колку повеќе има такви војници, толку поблиску е победата, заклучува Василенков.
Во својата војна против Украина, Русија ја користи Руската православна црква како клучен пропаганден елемент. РПЦ ја оправдува и ја поддржува инвазијата, за што сведочат официјалните медиумски ресурси на руската црква и публикациите на веб-страниците на Министерството за одбрана на Руската Федерација, истакнувајќи ја нивната блиска соработка со властите и агенциите за спроведување на законот. Министерството за одбрана на Руската Федерација има дури и оддел посветен на соработка со верниците во руските вооружени сили.