„Комисијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга изврши увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Притоа, заради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите се уште детално се проучуваат и се анализираат“, велат од ЈО.
Од таму додаваат дека по завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети.
Мерко и неговото семејство завршија на црната листа на САД, поради вмешаност во корупција. Струшкиот градоначалник по повеќедневен молк откако беше прогласен за персона нон грата во САД, на јавноста и се обрати на Фејсбук, каде објави повеќе фотографии со американската амбасадорка во земјава, Агелер и напиша дека ќе бил целосно транспарентен и отворен за соработка за потребите на правосудните органи, кои ги истражуваат заведените предмети против него.