недела, 22 декември 2024

На 11 Октомври Македонија ја почна антифашистичката борба и се избори за слобода

На 11 Октомври 1941 година почнала борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупaтор, а денес се слави како Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ. 11 Oктомври е симбол на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба, круна на вековната револуционерна дејност. На овој ден македонскиот народ се приклучи кон антифашистичката борба во Втората светска војна и даде свој придонес со повеќе илјади партизански борци.

Објавено на

часот

Сподели

По фашистичката агресија од Германија и Бугарија и окупацијата на кралска Југославија во 1941 година, под чија окупација тогаш била Македонија, таа повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.

На 11 октомври 1941 година Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го нападнал бугарскиот полициски участок и затворот и ги прекинал телефонските врски и електричната инсталација.

Вооружени дејства имало и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред бил разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот на 17 октомври. Вооружен отпор и дејства против фашизмот и фашистичкиот окупатор имало и во Пиринска и во Егејска Македонија.

Во чест на 11 Октомври како датум на почнување на востанието во Македонија, во Прилеп секоја година спроти празникот се одржува импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани на тој ден во 1941 година.

По повод празникот 11 Октомври во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело. Со оваа државна награда се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, но може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Единаесетти октомври е симбол на антифашистичките определби на македонскиот народ, кои се очигледни од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија, како и од говорот на Панко Брашнаров, кој, меѓу другото, истакнал: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба“.

11 Октомври има уште поголемо суштинско значење за сите Македонци, како во Република Македонија така и за сите припадници на македонскиот народ во соседните држави и низ светот. Со одлуките на Првото заседание на АСНОМ беше обзнанета македонската нација, односно беа кодифицирани македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., а тоа е другото значење на 11 Октомври. Преку антифашистичката борба сите македонски жители без разлика на етничката и религиозната припадност добија национални и религиозни прва.
Тоа особено е видливо во „Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија“, во која се вели: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ