„Штрковите“ доминираа на турнирот во Гевгелија па сосема заслужено трета година по ред се радуваат на трофеј во Купот на Македонија.
Вечерва во финалето, избраниците на Атанасов лесно го совладаа и Кожув со 86-61.
Неизвесно беше само во првите неколку минути, кога Кожув имаше водство, но потоа МЗТ направи серија од 12-3 и стигнаа до опиплива предност (18-10).
На стартот од втората четвртина, МЗТ стигна и до двоцифрена предност, а на пауза замина со +15 (42-27).
Кожув се обиде да се врати во игра во второто полувреме, но успеа да стигне само до -9 (44-35), МЗТ веднаш заигра на повисоко ниво и со +14 влезе во последната четвртина. Кожув не можеше да парира во финишот, разликата во квалитет стана очигледна, па конечниот резултат на семафорот беше 86-61 и „штрковите“ можеа да почнат со славјето на 13. титула во Купот.
Бојан Крстевски со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека зад него се најдоа Андреј Маслинко со 15 поени и Војдан Стојановски со 12 поени. Андрија Стевановиќ со 20 поени беше најпрецизен кај гевгеличани.