вторник, 25 февруари 2025

МЖСПП: Редовниот инспекциски надзор не претставува скандал

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска преку соопштение најосторо ги отфрли и ги демантира, како што велат, шпекулациите и лажните наводи изнесени од страна на политичките партии СДСМ и ДУИ во последните неколку денови, а се однесуваат на наводно незаконско постапување на министерот Изет Меџити.

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во врска со наводите објавени во медиумите, а поврзани со решението на Управниот инспекторат, ја информира јавноста дека, како што велат оттаму, за опомени и забелешки за канцелариско и архивско работење на службите во министерството не претставуваат скандал.

Според министерството, редовниот инспекциски надзор од страна на Управниот инспекторат се однесува исклучиво на технички аспекти на архивското и канцелариското работење и во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службената положба или друг вид на незаконско постапување.

„Управниот инспекторат постапувал според редовна програма за работа и не станува збор за постапување по никаква пријава или наод за гршка во постапувањето“, велат од МЖСПП.

Што се однесува до начинот на канцелариското и архивското работење во министерството за животна средина, тој е воспоставен уште во 2017 година и оттогаш непроменето се спроведува од сите министри кои раководеле со министерството – и од редовите на СДСМ и ДУИ, нагласуваат од МЖСПП.

„На овој начин на работа постапувале министрите Нурхан Изаири, Башким Амети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова. Ова значи дека евентуалните забелешки на инспекторатот не се поврзани со работата на актуелното раководство, туку со континуиран административен процес кој е наследен од претходните години“, велат од МЖСПП.

Оттаму потенцираат дека министерството останува посветено на транспарентноста и ги повикува сите медиуми на увид во документацијата.

„За целосна транспарентност и точна информираност на јавноста, Министерството за животна средина и просторно планирање ги повикува сите заинтересирани медиуми да дојдат на лице место во просториите на Министерството, каде што ќе им биде презентирана целата архивска граѓа поврзана со оваа постапка. Нема што да се крие – работата на министерството е отворена за увид на јавноста. Министерството останува доследно на својата заложба за законито и професионално работење во интерес на граѓаните “, велат од МЖСПП.

Во прилог, како доказ од МЖСПП до медиумите доставија документи според кои, како што тврдат оттаму се гледа како постапувале сите досегашни министри вклучително и оние на СДСМ и на ДУИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ