четврток, 19 декември 2024

МВР презема дисциплински мерки против полицајци по преминувањето на Груби на границата со Косово

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се преземени дисциплински мерки против двајца полициски службеници од граничниот премин „Долно Блаце“ во врска со преминувањето на Артан Груби на државната граница.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира МВР, полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил соодветни проверки на патничкото возило „мерцедес“, со кое се превезувал Груби. Не го евидентирал излезот на возилото од државата, а патниците од возилото – А.П. и А.Г. – биле заведени дека пешки ја преминале границата. МВР исто така истакнува дека поради пропустите на Б.Ј., лицето А.Г., кое било под активна мерка „задржи и веднаш извести“, минало без контрола, што претставува сериозно кршење на работната дисциплина.

Покрај Б.Ј., дисциплинска мерка е применета и за раководителот на смена, Б.А. Според информациите од МВР, тој не го исполнувал својот работен ред во врска со задолжувањето на полициските службеници со мобилни системи за снимање (МССК) и не ја евидентирал техничката неисправност на овие уреди, што исто така претставува прекршување на дисциплината.

„Со овие дејствија, полициските службеници направија потешки прекршоци на работниот ред и дисциплина, кои ќе бидат дополнително разгледани. Одделот за внатрешна контрола веќе поднесе предлог за покренување дисциплинска постапка против Б.Ј. и Б.А.“, стои во соопштението на МВР.

МВР најави дека се преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот, а истовремено до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција е доставено известување.

Одделот за внатрешна контрола продолжува со истражната постапка и ќе ги преземе потребните мерки за одговорност за кршење на работната дисциплина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ