петок, 18 октомври 2024
Случајот се испитува

МВР потврди: Пријавено е дека некој ги исклучил склопките на коморите за чување реагенси во ИЈЗ

Министерството за внатрешни работи потврдува дека вчера во 17 часот во СВР Скопје од страна на Институтот за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14 и 30 до 16 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде што се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести.

Објавено на

часот

Сподели

Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

„Вчера (31.07.2024) година околу 17,00 часот во СВР Скопје, од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје, се преземаат мерки за расчистување на случајот“, ни одговорија од МВР.

Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека итно е оформен предмет по допрен глас за да се испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

„По информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело. Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“, велат од ОЈО Скопје.

Како што претходно објавиви Слободен печат, вчера на одделот за бактериологија во Институтот за јавно здравје се случила голема диверзија. Хигиеничарката забележала дека огромната соба со фрижидери во кои се чуваат реагенси за бројни микробиолошки испитувања на заразни и незаразни болести – не работи, односно фрижидерите се исклучени.

Кога вработените отишле кај осигурувачите заедно со раководството, забележале дека само тие што се поврзани со фрижидерите во кои се чуваат реагенсите, се спуштени, односно направен е обид да се исклучи целата комора. Само тие осигурувачи со чија помош се контролирала температурата во фрижидерите – биле спуштени. Камери во близина на овој дел од Институтот нема.

Поради навременото откривање на настанот, спречено е бројни реагенси да пропаднат, односно да бидат неефективни поради незапазување на температурата неопходна за нивно одржување.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ