вторник, 25 февруари 2025

Муртезани – Вајц: Подготовка за состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-Европска Унија со известувачот на ЕП

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани утрово остварил средба со новоименуваниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Министерството за европски прашања (МЕП), средбата се одржала во пресрет на 23-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-Европската Унија, кој претставува важна можност за продлабочување на дијалогот и зацврстување на заедничката заложба за европската иднина на земјата.

Муртезани и Вајц укажале на значењето на овој форум како простор за конструктивна размена на ставови и унапредување на соработката, со цел побрза интеграција на Македонија во Европската Унија.

„Во фокусот на разговорот беа реформската агенда и планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, како двигатели на евроинтегративниот процес. Министерот Муртезани истакна дека Македонија останува посветена на клучните реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и економскиот развој, нагласувајќи дека овие напори се од суштинско значење за напредокот во пристапните преговори. Европратеникот Вајц ја потврди поддршката на Европскиот парламент, нагласувајќи дека доследното спроведување на реформите ќе биде клучен фактор во следната фаза од процесот“, се вели во соопштението од МЕП.

На средбата, посебен акцент бил ставен и на Зелената агенда, при што Вајц го поздравил ангажманот на Македонија за одржлив економски раст и енергетска независност преку

зелени иницијативи. Било истакнато дека Европската Унија, преку Планот за раст и други механизми за финансиска поддршка, ќе продолжи да ја поддржува земјата во спроведувањето на реформските приоритети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ