сабота, 8 февруари 2025

Муртезани, прв претставник од актуелната македонска влада во работна посета на Атина

Министерот за европски прашања на Македонија, Орхан Муртезани, денеска во рамките на работната посета на Атина, имаше средба и со потпретседателот на грчкиот парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис, информираат од Министерството за европски прашања.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата била истакната важноста на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Грција. Во тој контекст, била разгледана можноста за зајакнување на комуникацијата меѓу законодавните домови на Македонија и на Грција, како дел од заедничките напори за продлабочување на добрососедските односи.

„Муртезани и Плакиотакис се осврнаа на европското досие на Македонија и политиката на проширување на Европската Унија. Министерот Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилноста на пристапниот процес, особено во светло на предизвиците што земјата ги надминува во напредокот кон следната фаза од преговорите. Се дискутираше и за Планот за раст за Западен Балкан, при што соговорниците ја истакнаа важноста на механизмите за побрза економска конвергенција на регионот со Унијата. Од македонска страна беше изразен интерес за унапредување на соработката со Грција во рамките на планот, особено во делот на инфраструктурното поврзување и енергетската безбедност“, се вели во соопштението од Министерството.

Во текот на средбата биле разменети мислења и за билатералните процеси што се предмет на парламентарна процедура, при што била потенцирана важноста на исполнувањето на преземените обврски како начин за натамошно јакнење на довербата и динамиката на соработката. Двете страни се согласиле дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат клучни во натамошното продлабочување на партнерството.

Освен, посетата на грчкиот парламент, македонскиот министер Муртезани, имаше и средба со заменичката шеф на грчката дипломатија, Александра Папапдопулу.

Двајцата официјални претставници разменија мислења за начините за понатамошно подобрување на соработката за ЕУ-прашањата, информираа од Министерството за надворешни работи на Грција, преку платформата Икс, за средбата на Папапдопулу со Муртезани, јави дописничката на МИА од Атина.

„Заменик-министерката за надворешни работи, Пападопулу денеска во Атина беше домаќин на министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани. Двајцата официјални претставници разменија мислења за начините за натамошно подобрување на соработката за ЕУ-прашања. Ги истражија можностите за грчка техничка помош за Република Северна Македонија во рамките на нејзиниот пат кон ЕУ“, напишаа од грчкото МНР.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ