„Ние треба како соседи да разговараме од гледна точка на духот на добрата верба, да зборуваме за прашања кои нѐ обединуваат, да престанеме да создаваме поделби и да престанеме да создаваме омраза. Логичниот и очигледниот начин како ќе се движиме напред со позитивна енергија и позитивен дух, е доколку се тргнат сите бариери коишто не содејствуваат со европските вредности. Затоа, не е прашањето дали денеска ќе се решат сите предизвици, верувам дека нема да се решат. За некои предизвици е потребно и време, потребни се разговори, потребен е дијалог, но сметам дека е можност за позитивен исчекор“, изјави министерот Муцунски за МТВ.
Ова ќе биде прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата Влада во Софија.
Министерот Муцунски е дел од делегацијата што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Премиерот Мицкоски вчера во Минхен се сретна со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со кого разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.