петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Морално лидерство

Тргнувајќи дека здравствената состојба на рибата се определува според здравствената состојба на главата, денеска ќе се задржиме на прашањето на недостаток на морално лидерство во Министерството за надворешни работи и пошироко.

Под морално лидерство најчесто се подразбира однесување на лидер што рефлектира силни морални вредности, несебичност и морален интегритет. Лидерството претпоставува поседување на низа специфични способности, како што се меѓу другите умешноста за водење, остварување влијание или пак насочување на други индивидуи, тимови, па дури и на цели организации во сакана насока. Процесот на донесување одлуки во случај на моралното лидерство е воден од етички систем и морална намена.

Преведено на јазикот на дипломатијата, моралните принципи го управуваат однесувањето на дипломатот или спроведувањето на определени дипломатските активности.

Од првите години на независноста, македонската дипломатија успешно се справуваше со бројни предизвици. На Македонија,  која во својот Устав се етаблираше на анти-фашистички основи, со јасни аспирации за членство во Европската Унија и НАТО, на самиот старт под силен грчки притисок и се испречи срамната Декларација на Европскиот совет на Самитот на ЕУ во Лисабон во 1992 година, каде што ЕУ побара да прифатиме „име што не го содржи терминот Македонија“.

По грчкото вето 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт, во 2011 година со успех на меѓународно-правен терен докажавме дека Грција со ова вето недвосмислено прекрши Времената спогодба за регулирање на меѓусебните односи. Одлуката на Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации во Хаг (општо познат и како Светски суд) потврди дека Грција го има прекршено чл. 11 од Времената спогодба, со кој што се регулира дека Грција се согласува да не се спротивставува на било која апликација на Македонија за членство во меѓународните организации или институции под актуелното име. Ова беше голема победа на македонската дипломатија, за жал последна и како што ќе покажат натамошните настани, неефектуирана.

И покрај оваа сјајна победа која денес се изучува на факултетите ширум светот, поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој патем беше ко-агент на нашиот правен тим и дел од овој меѓународно-правен успех, во 2019 година неразбирливо го сврте правецот на своето делување за 180 степени и го потпиша Преспанскиот договор за промена на името. Наспроти минатиот труд во Хаг, запрепастувањето на многумина и фамилијарната клетва за сушење на раката, Димитров со очигледна гордост стави потпис на насилна промена на името на државата, патем целосно откажувајќи се од своите предци во Егејска Македонија, кои според Преспанскиот станаа дел од „грчка Македонија“. Народски, ги пушти низ вода.

По ова следуваше медиумска кампања која требаше да го запечати „историскиот успех“ на министерот со хендикепирана рака, размена на широки насмевки со „нашите јужни пријатели“, како и егзалтирано сликање за медиуми на адреналински квадрицикли и глисери во полна брзина и тоа со разголени гради и брадавици, што не е до сега познато во дипломатската пракса.

И да го ставиме на страна ваквото неморално дипломатско однесување на Димитров со кое тој сакаше да го покаже своето ликување, да погледнеме како разговорите за името навистина течеле.

Од гледна точка на македонската страна тешко дека имало некакви преговори. Разговорите се воделе во 4 очи, а „курирските работи“ ги извршувале неколкумина најблиски соработници на министерот.

Во разговорите со странскиот партнер не била вклучена главната организациона единица во министерството која е органски поврзана со ова прашање, а тоа е Директоратот за меѓународно право. Никој од овој директорат, кој претставува системски столб во МНР, немал пристап на разговорите и покрај поседувањето на сите потребни безбедносни сертификати. Никој од нив не бил консултиран за правните аспекти на предложените решенија, како што не биле консултирани ни останатите директори во МНР.

Преговори за Преспанскиот договор, во кој што воопшто не се спомнува името на нашата држава, немало зашто воопшто и не дојде до борба на аргументи. За некакво лидерство да не зборуваме. Имало само глумење преговори заради купување време и убедување на нацијата дека се водат „тешки преговори“ во кои нашата страна „вложува максимални напори“ за успешен исход. И со тоа да се имплицира однапред дека подобар исход во „преговорите“ не можел да се постигне.

Убава илустрација за глумените преговори односно за разговорите во стил „земи или остави“ е секако грчкиот налог за промена на нашите автомобилски таблички од МК во НМК на латиница, иако нашиот стандарден ИСО код (МК и МКД) не беше сменет со Преспанскиот договор. Резултат – никој од нашиот преговарачки тим што безгласно го прифатил овој предлог денес не може да објасни што значи фамозната кратенка НМК на латиница на нашите автомобилски таблички.  За легитимитетот на Преспанскиот договор добро би било некој да излезе и ова да го појасни.

За какво морално лидерство може да се зборува во случајот на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од страна на тогашниот премиер Заев во 2017 година? За она лидерство промовирано во неговото неславно историско интервју за БГНЕС? Дали имаме право по ваквата мега манипулација да се чудиме зошто односите со Бугарија детеорираа до оваа мерка, доведувајќи не во ќорсокак во нашите европски интеграции?!

На крај, да се потсетиме и на тнр. Француски предлог минатата година против кој се изјасни големо мнозинство од граѓаните на Македонија? Дали е морално лидерство лагата на министерот Бујар Османи, кој во обид за поддршка на овој предлог се затскри зад „сениорските дипломати во МНР“, инсинуирајќи дека тие го разгледале овој предлог и го одобриле? Или лагата дека доколку овој предлог не биде прифатен, земјата ќе влезе во фаза на насилство? Од кого кон кого – Османи не појасни. Дали министер што не ја кажува вистината па дури и се заканува на цела држава има морален интегритет да води една дипломатија? Особено во време на идентитетски премрежија за македонскиот народ? Дали тој има интегритет во Работната група за промена на Уставот, како претставник на МНР да назначи негов сопартиец? Дали тој има морален интегритет да назначи за директори во МНР огромно мнозинство немакедонци?

Не, не и не. И тука доаѓаме до еден дел од одговорот на прашањето зошто тоне македонската дипломатија. Целосното отсуство на морално лидерство е само една, но клучна причина. Ќе бидат потребни години опоравување, а промена на лидерите е првиот предуслов. На македонската дипломатија и е потребен кризен менаџмент во лик на нови луѓе, со нов менталитет, интегритет и чувство за лична одговорност. Дојдено е време за лидер на МНР со визија за иднината.

                                                                                                                            Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ