среда, 4 декември 2024

МОН за Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Работиме на концепт каде инклузијата нема да биде само на хартија

По повод денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост, Министерството за образование и наука истакна дека  посветено работи за децата со посебни образовни потреби да добијат квалитетно образование согласно потребите и можностите, да го достигнат својот целосен потенцијал и да израснат во граѓани вклучени и ангажирани во општеството.

Објавено на

часот

Сподели

„ Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, велиме ДА за функционална инклузија, НЕ за систем од кој родителите се незадоволни, а наставниците имаат големи забелешки“ – се потенцира во објавата на МОН.

„ Изминатите неколку месеци во интензивни контакти со сите засегнати страни беше јасно предочено дека концептот на тотална инклузија функционира само на хартија, а во пракса не се спроведува и затоа нема очекувани ефекти. Повеќето родители на деца со попреченост сметаат дека сегашниот образовен модел само го продлабочува јазот меѓу различните и ги дискриминира нивните деца.

Затоа правиме промена на моделот на инклузивно образование – секој родител согласно функционалната проценка (по МКФ) и заедно со стручни лица ќе може да одлучи дали неговото дете ќе учи во редовно или посебно училиште со ресурсен центар. Но, без разлика во кое училиште ќе оди, Министерството за образование и наука има за цел да обезбеди приспособена поддршка која одговара на индивидуалните потреби и аспирации на секое дете.

Работиме на континуирано зголемување на бројот на образовни асистенти. Оваа училишна година во наставата во основните училишта вклучивме над 1000 стручни лица, најмногу досега. Новиот закон за средно образование кој ќе биде донесен на почетокот на 2025 година, предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Исто така ја продолжуваме поддршката за наставниците преку обуки, за да можат квалитетно да одговорат на барањата на децата со посебни потреби. Во рамки на буџетските можности, ќе ги подобриме условите во училиштата со ресурсен центар, откако претходно на терен ќе ја утврдиме состојбата во секое училиште посебно. Тоа значи соодветна асистивна технологија и опрема, што ќе им помага и ќе ја зголеми независноста на учениците со посебни образовни потреби“, велат од Министерството за образование и наука .

Истовремено, МОН работи на подобрување и прилагодување на реалните потреби, на сите сегменти на образование. Велат дека имаат силна поддршка на меѓународните институции од каде ги користат најдобрите светски практики.

„ Сите чекори ги правиме со целосна вклученост на оние на кои се однесуваат и кои ги бараат промените – учениците, наставниците, родителите, универзитетите и стручните здруженија. Децата ни се најважни, сите заедно можеме да изградиме подобра иднина за нив“, порачуваат од МОН на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ