Ова преку државната телевизијка го порача универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.
Како што вели Мојсова-Чепишевска во своето соопштение, таа се осврнала и на состојбите во македонистиката, при што истакнала дека од 1946 година, Филолошкот факултет „Блаже Конески“ е бастионот на развивањето и грижата за македонскиот јазик. Како што посочи, и денес имаме студенти што ја гарантираат иднината на македонистиката.
„Неслучајно е што имињата на сесловенските просветители се во темелите на нашиот Универзитет. Но името на Универзитетот многу обврзува и треба често да си го поставуваме прашањето на Крсте Мисирков: ‘Што направивме и што треба да направиме за однапред?‘ Не само со бројки и статистики, туку со квалитетот на нашето работење, со посветеност да се вложи во знаењето на најдобрите“, вели Мојсова-Чепишевска.
Таа ги напомена и потребите од вложувања во информатиката, модернизацијата во наставата итн., но сепак, задржувајќи се на квалитетот на работењето и на кадарот што произлегува од студентките клупи.
„Не е важно дали се 5.000 студенти само како бројка, туку важно е дека се вистинските 500 студенти што навистина го сакаат она што го студираат, во нив да се вложи максимумот и потоа тие да можат професионално да се вложат во нашето општество, илустративно“, посочува Мојсова-Чепишевска во своето соопштение.
Во тој контекст таа напоменува колкава е важноста што на Катедрата за македонска книжевност и култура студираат токму оние што навистина ја сакаат книжевната македонистика и што може токму ним во наставата да им се посвети целосно внимание и да им се пренесат знаењата.
Одговарајќи на прашањата и за интересот за македонистиката во странство, меѓу другото, таа вели оти посочила дека посветеноста на странските македонисти се темели и на нивниот интерес за нашата приврзаност кон сесловенските просветители и нивните ученици.
„Сите треба да се заложиме и да си го почитуваме македонскиот јазик“, вели Мојсова-Чепишевска.
Таа додава дека ја споделила честитката од својата колешка Добрила Миловска од која со децении, студентите на Катедрата за македонска книжевност и култура учеа за средновековната книжевност и култура, за светите Кирил и Методиј, за глаголицата, за светите Климент и Наум Охридски и другите нивни ученици и следбеници.
„Ова е Ден за паметење, Ден на Моравската мисија, Ден на Глаголицата со која прогледавме и излеговме од мракот на незнаењето“, вели на крајот Весна Мојсова-Чепишевска.