сабота, 19 октомври 2024

Мобилните телефони треба да се третираат како тутунот, вели докторка од СЗО

Државите треба да размислат за регулирање на мобилните телефони и другите дигитални уреди на сличен начин како и тутунските производи за да се борат против растечкото негативно влијание на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите, рече Наташа Азопарди Мускат од Светската здравствена организација (СЗО).

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Има сè поголеми докази дека игрите и социјалните мрежи го поттикнуваат порастот на проблематично однесување кај адолесцентите во Европа, така што земјите треба да се инспирираат од други области каде што законодавството помогна во справувањето со потенцијално штетните навики – како што се законите за тутун, рече таа.

Мерките како што се воведување старосни ограничувања, контрола на цените и забрана за употреба во одредени области помогнаа да се намали употребата на тутун, така што тие би можеле да се земат како пример за да се спречи штетната употреба на уреди како паметните телефони, изјави за Политико Ацопарди Мускат, лекарка и директорка на Одделот за државни здравствени политики и системи во СЗО.

„Можеби треба да размислиме каде е соодветно да се користат дигитални уреди, а можеби и време е да почнеме да размислуваме за места каде одредени дигитални уреди не треба да се користат“, исто како што забрануваме пушење во одредени области, рече таа.

Друг клучен елемент е да се осигура дека децата и тинејџерите – без оглед на нивното потекло, етничка припадност или социјален статус – се „писмени, опремени и поучени“, додаде таа. Тоа значи да ги опремиме со вистинското знаење „за тие да владеат со дигиталниот свет и да не дозволат дигиталниот свет да владее со нив“.

Студијата на СЗО објавена минатиот месец покажа зголемување на проблематичното и „зависно“ однесување во консумацијата на игри и социјални медиуми кај адолесцентите во Европа.

„Како и со било што друго, можете да ги користите овие алатки добро и ефикасно“, рече Ацопарди Мускат. „Но, мораме да бидеме внимателни бидејќи имаме дел од популацијата што пријавува проблематична употреба и знаеме дека тоа на крајот може да влијае на нивните образовни резултати, нивното ментално здравје и благосостојба, нивната продуктивност во работната сила“.

Врската помеѓу користењето на социјалните мрежи и менталното здравје, особено кај тинејџерите, добива сè поголемо внимание. Претходно ова лето, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен вети „прва европска истрага за влијанието на социјалните медиуми врз благосостојбата на младите“.

Прегледот на доказите е од клучно значење, но не треба да чекаме премногу долго, рече Ацопарди Мускат.

„Треба систематски да се собираат докази и потоа да видиме што веројатно ќе функционира и каков е пристапот што сакаме да го преземеме“, рече таа. „Но, сосема е јасно дека не можеме да го одложиме преземањето акции и одлуки“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ