Како што наведува МНР, седум барања до Министерството – за претседателката Татјана Димитровска и за шесте членови во Антикорупциската комсија, биле доставени од ДКСК во април и тогашниот министер за надворешни работи позитивно одговорил само за претседателката на Комисијата.
Во однос на останатите членови на ДКСК, наведува МНР, „министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“.
Откако во јавноста деновиве е актуелно доделувањето дипломатски пасош за претседателката на ДКСК Димитровска и поднесеното барање за ваква патна исправа од шесте членови на ДКСК, Комисијата денеска реагираше со соопштение во кое наведе дека тоа е „право, а не привилегија“ и е овозможено со Законот за патни исправи, цитирајќи го член 11.
Во реакцијата објавена на нивната веб-страница, ДКСК меѓу другото, наведе дека „за да нема дилеми во јавноста и поради крајна транспарентност“, го повикуваат и новиот министер за надворешни работи „да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК, а исто така и пратениците самиот закон доколку сметаат дека има потреба од тоа“.