Како што соопштија од кабинетот на гувернерката, на средбата се зборувало за политиките на централната банка во изминатиот период на последователнитe кризи, како и за предизвиците во следниот период. Било оценето дека соодветно поставените политики и преземените мерки придонеле за значително намалување на инфлациските притисоци, одржување на стабилноста на девизниот курс како номинално сидро, пораст на девизните резерви и за одржување на стабилноста на банкарскиот систем.
„Сите овие подрачја на редовна основа се разгледуваат со претставниците на ММФ во рамките на мисиите поврзани со членот 4 од Договорот за членство во Фондот“, изрази позитивен став Марникс ван Рај за начинот на спроведување на монетарната и макропрудентната политика од страна на Народната банка и нагласи дека е потребно натамошно претпазливо водење на политиките, со оглед на тековните ризици од надворешното окружување, се наведува во соопштението.
Гувернерката посочила дека централната банка е посветена на одржување на севкупната макроекономска стабилност и упатила на потребата од внимателност, во услови на зголемени глобални неизвесности, но и домашни ризици. Воедно, таа се осврнала и на банкарскиот систем, при што истакнала дека Народната банка постојано презема повеќе макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
„Како резултат на овие мерки, податоците покажуваат унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор во однос на преткризниот период, со највисока адекватност на капиталот во изминатите две децении“, истакнала Ангеловска-Бежоска.