Шпанскиот фармацевт и нутриционист Марија де лос Анџелес Гарсија, позната и како Ботикарија Гарсија, ги истакна бројните здравствени придобивки од козјото млеко во споредба со класичното кравјо млеко.
Денес на полиците во продавниците можете да најдете различни млека од растително потекло – од бадем и соја до овес, ориз, кокос и коноп. Но, додека трае дебатата за тоа која замена за кравјо млеко е најдобра, нутриционистите како Гарсија го свртуваат своето внимание на прашањето: зошто воопшто да се размислува за замена?
Според анализите, козјото млеко би можело да биде подобар избор поради различната нутритивна структура. „Протеините во козјото млеко може полесно да се сварат од оние во кравјото млеко“.
„Исто така, козјото млеко создава помалку масни грутки, што им го олеснува варењето на некои луѓе. Сепак, истакнувам дека повеќето луѓе без проблем го варат кравјото млеко“, објаснува нутриционистот за Салуд.
Токму поради овие карактеристики, козјото млеко би можело да биде идеално за оние кои имаат чувствителен дигестивен систем или страдаат од проблеми со варењето.
Сепак, Гарсија предупредува дека не е паметно сами да ја менувате исхраната доколку имате долгорочни стомачни проблеми.
„Ова зголемување на дигестивни нарушувања се должи на сè понездравиот начин на исхрана и живеење. Ако веќе некое време чувствувате непријатност во стомакот, не експериментирајте со вашата исхрана заснована на невообичаени совети, бидејќи тоа може да ја одложи дијагнозата на можен здравствен проблем. Секогаш консултирајте се со лекар за да добиете индивидуална проценка на вашата состојба“, истакна Гарсија.
Нејзините тврдења се поткрепени со научни истражувања, вклучително и студии од Универзитетот во Гранада, кои покажаа дека козјото млеко може да помогне во регулирањето на високиот холестерол и да го одржува срцето здраво.
Исто така, може да биде корисно за луѓето со анемија и оние кои се на долготрајна терапија со додатоци на железо.
Козјото млеко содржи значителни количини на железо, калциум, фосфор и магнезиум, што помага да се спречи анемија и дегенеративни заболувања на коските како што е деминерализацијата.
Кога станува збор за здравјето на срцето, содржи и до 40 отсто помалку холестерол од кравјото млеко и е богат со омега-6 масни киселини, кои се познати по благотворното дејство на кардиоваскуларниот систем.
Во дебатата се вклучија и експерти од платформата Зое и го рангираа козјото млеко веднаш под млекото без лактоза на листата на најздрави опции.
“Козјото млеко може полесно да се вари од кравјото. Покрај тоа, нутритивно е побогато и содржи високо ниво на витамин А. Сепак, неговиот специфичен вкус можеби не одговара на сите”, велат експертите.