Историчарот вели дека имало обиди и тенденција за присвоување на Кирил и Методиј, но нивните житија покажуваат нешто сосема друго.
„Несомен факт е дека тие потекнуваат од Македонија, родени се во Солун. Во житието на Методиј се говори дека тие зборувале чист словенски јазик и дека словенскиот јазик и азбука се креирани од страна на Кирил и Методиј токму врз основа на говорот на македонските Словени. Тоа е неспорен факт, а сето друго потоа е интерпетрација и политизација на нивната дејност“, објаснува Панов.
Според него очигледна е намерата на Бугарија за присвојување на Кирил и Методиј.
„Тоа доаѓа до израз во 19-от век кога под влијание на Русија и градењето на проектот Голема Бугарија ја инкорпорира историјата за Кирил и Методиј претставувајќи ја како дел од тој наратив и да се оправда тој проект а со цел да се инкорпорира Македонија во таа Голема Бугарија. Самите руски автори во тоа време говореле дека азбуката потекнува од Македонија и е создадена врз основа на говорот на македонките Словени во околината на Солун. Методиј дури и работел на заштита на пограничните области од нападите од Бугарија. Кирил и Методиј немаат ништо заедничко со Бугарија, ниту ја посетиле ниту имале некаква реакција со бугарската држава. Нивната дејност била насочена наспроти бугарската држава а во тоа време бугарските владетели биле и пагани. Така што христијанизацијата на Кирил и Методиј и словенската азбука биле во функција на обединување на словенскиот свет во контекст на обезбедување рамноправност на Словените со другите народи“, објаснува Панов.
Тој објаснувајќи го протоколот за историските личности кој што е договорен од историската комисија вели дека е класична политизација.
„Нема историска вистина ниту пак има заедничка историја. Кирил и Методиј може да бидат дел од некаква заедничка прослава, но не само меѓу Македонија и Бугарија, туку и Чешка и Словачка како и Русија. Кирил и Методиј се обединувачи на цела Европа и ние така треба да ги третираме. Не смееме како држава да дозволиме тоа да се национализира без разлика од кого, туку да укажеме дека Македонија е заслужна за зачувување на традициите бидејќи по смртта на Кирил и Методиј, во османлискиот период во Македонија се зачувува преку Охрид и Охридската архиепископија. Со промената на самиот наслов на празникот кој стана „ден на бугарската азбука“ се присвои целиот контекст на Кирил и Методиј, иако историскиот контекст покажува сосема нешто друго, односно дека нема никаква релација меѓу Кирил и Методиј и Бугарија. Бугарите се обидоа да направат друг контекст, односно да покажат дека од седмиот век во Солун биле Бугарите како бугарски Словени, но тоа не постои во науката. Но, ја влечат таа генеза за да докажат дека Кирил и Методиј биле Бугари.
Коментирајќи го историскиот атлас од 1886 година на германскиот историчар Јохан Густав Дројзен кој во картата наведува дека Самоиловото царство на територијата на денешна Република Македонија е именувано како „Македонско царство на Словените“ и оти во неговите граници ја нема територијата на Бугарија, Панов вели:
„Самите Бугари во почетокот на 20-от век во периодот на Првата светска војна ангажираат бугарски етнографи, историчари со цел да се оправда нивната окупација на територијата на Македонија. Самоиловата држава не била идентификувана како бугарска во време на Самоил. Нема ниту еден извор кој ќе укаже дека Самоил бил Бугарин. Дури и името се сокрива. Не се зборува за Самоил додека е жив и додека постоела Самоиловата држава. Важно е да се напомене дека Самоиловата црква е дел од традициите на Охридската архиепископија и јадрото е во Македонија. Се што е потоа е интерпетрција а изворите кажуваат сосема друго“.
Во однос на уставните измени и влезот на Бугарите професорот има јасен став дека е клучна Преамбулата.
„Доколку се менува тој сегмент на историскиот контекст и се вметнат како државотворен народ од еднa страна, а од друга страна тоа значи ревизија повторна на АСНОМ тогаш ќе има несогледливи последици. Не треба да се чепка АСНОМ, тој е фундаментот и не смее да биде доведен во прашање“.