Таа информираше дека Владата преку Службата за заеднички работи на 24 април склучи договор со три компании за набавка на скапи и луксузни пијалоци за 2,95 милиони денари.
„Во најголемата криза, кога една потрошувачка кошничка не може да се покрие со две минимални плати, и кога половина милион наши сограѓани живеат со под 150 денари на ден, Владата на Ковачевски преку СОЗР троши пари на скапи и луксузни пијалоци и јадења.
„Овој договор е Рамковна спогодба со која на договорниот орган му се дозволува да повлекува производи од палетата која е понудена во текот на целиот договорен период. Договорот е склучен со три економски оператори, со тоа што му се дава можност на СОЗР ако еден економски оператор не може да ја изврши нарачката, институцијата истиот пијалок да го нарача од друг економски оператор, по цените кои се понудени од секој поединечно.
Кога ќе ги погледнеме цените по кои владата на Ковачевски преку СОЗР ќе нарачува, може јасно да заклучиме зошто владата нема пари за народот“, рече портпаролката Митева.
Таа прецизираше дека функционерите од СДСМ и ДУИ ќе имаат можност да пијат висококвалитетно вино, означено како барик вино, со контролирано потекло во пакување од 0,75 литри по цена од 2.293 денари.
„Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари.
Додека болните од дијабет чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2.034 денари.
Кога народот ќе купува поевтини тестенини, министрите и директорите на Ковачевски ќе наздравуваат со пенливо полуслатко бело вино од 1.331 денар.
Додека студентите ги чекаат парите за студентски оброк, и се борат за денар повеќе, луѓето околу Ковачевски ќе можат да пијат Коњак кој ќе чини и до 3.413 денари.
Овие пијалоци, во кои ќе уживаат функционерите од власта, половина милион луѓе во Македонија можеби воопшто нема да можат никогаш да ги пробаат“, рече Митева.