„ Странските директни инвестиции (СДИ) во Македонија во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра, што е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминативе дваесет години. После долги години на дното, за прв пат државата има можност да стигне до прилив од странски директни инвестиции до 1 милијарда евра оваа година…Воедно, податоците покажуваат дека само во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра. Во овој период се бележи зголемен нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг што во годините претходно можеше да се забележи како одлив и овој прилив е во вредност од 219,5 милиони евра. Имаме и прилив врз основа на сопственичкиот капитал во вредност од 39,9 милиони евра и реинвестираната добивка од 22,2 милиона евра“ истакна Митева.
Портпаролката нагласи дека за само неколку месеци успеале како Влада да склучат договори со многу инвеститори како Алказар енерџи – ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. Со новата германско-белгиска инвестиција, „Епсотек“, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Новата инвестиција на Костал од 45 милиони евра ќе донесе нови 250 вработувања.
Одговарајќи на новинарски прашања, Митева рече дека како Влада не гледаат објективност во барањето за лидерска средба испратено преку медиумите.
„ Оваа Влада не работи за желбите на политичарите, туку исклучиво за интересите на граѓаните. Сосема е чудно зошто ова барање за лидерска средба доаѓа преку медиумите. Се надеваме дека знаат како се испраќаат официјални барања за лидерска средба. Нека ги испратат, па ќе размислиме и ќе одлучиме“, рече Митева во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Во одговор на прашање посочи дека вчерашната оставка на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева и она што го изнесе во јавноста го ценат како најсоодветно нешто што можеше да се случи после сите скандали.
„ Негативните поени кои ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на правосудството во целина и од огромниот број на скандали кои се случуваат таму. Она што значи информација за состојбите онакви какви што се, е информација за тоа дека ќе имаме навистина робусна борба против состојбите кои ги има во делот на правосудството и не го цениме како притисок“, рече Митева.
Таа потврди дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање што беше предлог на Фискалниот совет и додаде дека прават сè за да ја стабилизираат состојбата во Пензискиот фонд.
„ Ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент она што го направивме е усогласување со покачувањето на пензиите од 5000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој се работи. Како што гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот“, рече Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање изрази надеж дека ќе се стабилизира состојбата во ЈСП Скопје и дека од јавното градско претпријатие ќе обезбедат нафта за нормално продолжување со работата.
„ Денеска е последниот рок на тендерот на ЈСП Скопје за набавка на нафта за следните две години. Да видиме какви ќе бидат состојбите за да не давам одговор од аспект на хипотетичка ситуација. Факт е дека не може претпријатието да функционира постојано на ваков начин на кој функционира. Се надеваме дека ќе се консолидираат и дека ќе размислуваат за доброто на граѓаните, а не за други цели и интереси“, истакна Митева.