Во рамки на посетата, министерот Мисајловски, како што соопшти МО, остварил тет-а-тет средба со Сајовиц, по што се одржале разговори меѓу двете делегации, а бил потпишан и Планот за билатерална соработка меѓу двете земји за 2025 година.
Мисајловски ги оценил македонско-словенечките односи во делот на одбраната како пример за тоа како треба да соработуваат две исклучително пријателски и сојузнички земји, истакнувајќи дека тие се базираат исклучиво на меѓусебна почит и силна доверба.
„Соработуваме во многу области во одбраната – противвоздушната одбрана, логистиката и јавните набавки, военото разузнавање, инспекцијата, НАТО-планирачкиот процес и многу други. Нашите војници не само што вежбаат и се обучуваат заедно, тие заедно го носат товарот и на колективната одбрана на Алијансата, служејќи во мултинационалните сили на НАТО во Латвија. Во тоа се гледа заедништвото“, истакнал Мисајловски на заедничката прес-конференција со министерот Сајовиц.
Министерот за одбрана се осврнал и на словенечката поддршка во борбата со пожарите минатото лето при што нагласил дека таа е круна на соработката и дека „професионалноста на припадниците на словенечките вооружени сили, полиција и цивилна заштита и нивната пожртвуваност … е видена и неизмерно ценета“.
Како чин на благодарност, како што е наведено во соопштението, денеска во вилата Подрожник, Мисајловски ќе им додели признанија на припадниците на словенечката полиција, Армијата и на Словенската управа на заштита и решавање, кои беа активно вклучени во борбата со пожарите.
Словенечкиот министер Сајовиц ја оценил соработката во одбраната како „многу добра“ и дал силна поддршка за членството на нашата земја во Европската Унија, укажувајќи дека членството во Унијата е добро и за животот и безбедноста во регионот.
Сајовиц се осврнал и на заедничките активности во регионален и НАТО-контекст, споменувајќи ги Балканските медицински наменски сили и Централно-европската одбранбена соработка, како и заедничкото учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија.