Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба, која се реализира по 25-ти пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји, се разликува од сите претходни, поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови со што се заокружува еден процес на изведување вежби.
„Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на Криволак се најголемиот доказ дека македонската армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО–стандарди“, истакна Мисајловски.
Воедно појасни дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.
Мисајловски упати честити до сите припадници од земјите учеснички кои со својата професионалност, посветеност и мотивација успешно ја реализираа оваа јубилејна вежба и упати благодарност до канадските сојузници за поддршката во организацијата.
„ Меѓусебната посветеност на развојот на одбренбената соработка е видлива и преку ваков вид на заеднички обуки и вежби кои ќе продолжат и во иднина“, најави министерот Мисајловски.
На настанот се обрати началникот на генералштабот на армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски кој нагласи дека изведувањето на ваков вид вежби е доказ за обученоста, континуитетот и кохезијата меѓу припадниците што овозможува зајакнување на врските со сојузниците и партнерите и постигнување нови искуства во мултинационална средина.
Канадската амбасадорка Мишел Камерон упати благодарност до македонската Армија и државата за извонредната поддршка за изведување на вежбата.
„Оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилност, заеднички вредности и партнерството во НАТО и само со заеднички и проективен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет“, потенцира амбасадорката на Канада, Камерон.
Мултинационалната вежба Мејпл арч 24 е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската армија и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на оружените сили на Канада.