четврток, 23 јануари 2025

Мирјана Лазарова-Трајковска и Александра Деаноска-Трендафилова претседателки на работните групи за измени на Законот за Судскиот совет и Кривичниот законик

Министерството за правда информира дека интензивно работи на измени на Законот за Судскиот совет и Кривичниот законик, укажувајќи дека во изминатиот период се формирани работни групи за изготвување на предлог-измените и дека очекува во најскоро време работните групи да излезат со предлог-законски решенија.

Објавено на

часот

Сподели

За претседател на работната група за  изменување и дополнување на Законот за Судски совет именувана е Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Врховен суд на РСМ.

Членови на работната група се: Денис Прешова, вонреден професор на Правен факултет „Јустинијан Први” –  Скопје; Александра Деаноска-Трендафилова, професорка на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” – Скопје; Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет на Македонија; Аритон Ала, член на Судскиот совет; Зоран Герасимовски, судија во Апелационен суд Скопје; Исмета Амет, судија во Виш управен суд на РСМ; Ивана Петковска, претставник на Блупринт- групата на граѓански организации; Јелена Кадриќ, претставник на Блупринт-групата на граѓански организации; Александра Цветановска, посебен советник на министер во Министерство за правда и Николина Микеска-Костадиновска, раководител на сектор правосудство, Министерство за правда.

За претседател на работната група за изготвување на предлог-измени на Кривичниот законик именувана е д-р Александра Деаноска-Трендафилова, професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први,, – Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј,,- Скопје.

Членови на работната група за измени и дополнувања на кривичниот законик се Цветанка Периќ, судија во Врховен суд на Македонија; Елвин Вeли, јавен обвинител во Јавно Обвинителство на Македонија; Даниела Алексовска-Стојановска, судија во Основен кривичен суд Скопје; Владимир Туфегџиќ, адвокат; Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт- група на граѓански организации и Никола Прокопенко, државен советник за казнено законодавство во Министерство за правда.

Носењето на нов закон за Судски совет е врзано со реформската агенда на ЕК за раст на Западен Балкан и треба да биде донесен до јуни годинава.

Паралелно со измените на КЗ, тече постапката и за нов Кривичен законик, кој како што претходно информираа од Министерството за правда, е завршен и чека мислење од Европската комисија, по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура.

Со измените на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, Европската комисија во извештајот за 2024 оцени дека ја ослабнале правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов кривичен законик, во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Според ЕК, земјава во наредната година освен што треба да донесе нов кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, треба да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ