недела, 22 декември 2024

Министрите Божиновска и Андоновски во Вашингтон

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска ќе учествува на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет. Во Вашингтон е и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE).

Објавено на

часот

Сподели

Во рамки на посетата, Андоновски ќе зборува на  панел-дискусија на тема „Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан”. GFCE е водечка платформа за меѓународна соработка во областа на сајбер-капацитетите, со над 200 членки од целиот свет, вклучувајќи влади, меѓународни организации, компании и академски институции. На панелот ќе учествуваат и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт департментот на САД.

За време на престојот во САД, на покана на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Андоновски пред студентите по меѓународни студии ќе одржи предавање за „Дигиталната трансформација како алатка за борба против корупцијата и ЕУ интеграција”. Во рамки на посетата, Андоновски ќе оствари и бројни билатерални средби и посета на успешни ИТ компании во САД.

На конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа ќе присуствуваат истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.

Министерката Божиновска, на маргините на конференцијата, се очекува да се сретне со државната секретарка за енергетика на САД, Џенифер Гранхолм.

„Конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа е платформа за интеракција со клучните глобални енергетски лидери, а истовремено и можност за зајакнување на нашето влијание во регионалните енергетски дискусии. Со фокус на усогласување на енергетските политики на земјата со пошироките трансатлантски стратегии, преку зајакнување на партнерствата со американските и европските лидери и привлекување на потенцијални инвестиции, во пракса ја реализираме посветеноста на енергетската безбедност и одржливост, што всушност е и еден од приоритетите за кои потенцирав дека ќе се фокусираме како Министерство. На овој начин и со активно вклучување ќе добиеме рамноправен статус и третман при обликувањето на политиките што се однесуваат на геополитичките предизвици кои влијаат на регионот“, изјави Божиновска.

Како еден од клучните говорници на конференцијата, стои во соопштението, Божиновска, заедно со американски и европски претставници за енергетика, ќе даде свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа.

Според Министерството за енергетика, учеството на министер од нашата држава на ваква значајна конференција, го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.

„Овој етаблиран настан претставува можност за приказ на енергетските приоритети на нашата држава на глобалната сцена и инволвираност во дискусиите за енергетската политика, безбедноста на снабдувањето и закрепнувањето на енергетскиот сектор во време на економска криза. Додека регионот продолжува да навигира помеѓу сложените геополитички тензии и тековната енергетска транзиција, оваа конференција ќе обезбеди платформа за Северна Македонија дополнително да ги зацврсти партнерствата во обликувањето на енергетската иднина на Европа“, стои во соопштението на Министерството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ