Во мислењето на Министерството за правда се вели дека суштината на Законот за рестриктивни мерки е да овозможи ефективна и ефикасна борба против тероризмот и против финансирањето на тероризмот. Генезата на овој закон е Резолуцијата 1267 на ООН за тогашната настаната ситуација во Авганистан. Согласно со воспоставените меѓународни стандарди, целта на овој закон е зачувување на безбедноста, мирот, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, а не и борба против корупцијата и криминалот, како што се предлага во измените и дополнувањата содржани во предлог-законот“, се вели во мислењето на Министерството за правда.
Во овој документ, Министерството за правда смета дека оваа проблематиката може да се реши со примена на постоечкиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.
„Имено, во овој закон е уредена меѓународната правна помош меѓу Република Северна Македонија и други држави, и тоа во однос на доставувањето списи, писмени докази и предмети што се во кривична постапка во државата молител, доброволно доставување информација, односно спонтани информации, како и размена на информации и известувања. Со тоа, доколку одредена држава има докази или сознанија за одредени кривични дела на наши државјани, таа може истите, преку каналите на меѓународна соработка во кривична материја, да ги достави до надлежните домашни органи и обратно, доколку правосудните органи во Република Северна Македонија имаат сознанија за криминално поведение во странство, можат да побараат информации од странска држава. Исто така, наведениот Закон предвидува признавање и извршување на странски кривични пресуди, од страна на домашните надлежни судови, како и пренос на казнени постапки. Согласно наведеното, укажуваме дека во нашиот правен систем постојат законски механизми за соработка во кривична материја, кои целосно кореспондираат со релевантите меѓународни стандарди и затоа сметаме дека предложените законски решенија не би требало да бидат прифатени, бидејќи се во спротивност со Уставот и со Европската конвенција за човековите права“.
Ова значи дека Министерството за правда смета дека постоечкиот Закон за рестриктивни мерки не треба воопшто да се менува, ниту да се усвојува каков било друг нов закон, за да се оствари посакуваната цел.
Како и досега, ако има какви било информации, сознанија или докази за сторени кривични дела од страна на лицата од т.н. „црни листи“, тие можат да бидат доставени до надлежните органи на Македонија преку механизмите на меѓународна соработка во кривичната материја. А ако има кривични пресуди или казнени постапки во странство, постојат законски утврдени механизми и стандарди за нивно извршување во Македонија или за трансферирање во странски земји.
Министерството за правда упатува на основните принципи на политичкиот систем во една демократска земја, поделба на власта на законодавна, извршна и судска и неповредивост на основните човекови права, гарантирани и со меѓународни конвенции ратификувани од Македонија. Затоа Министерството за правда сугерира да се побара мислење и од Венецијанската комисија и од Европската комисија.
А.Д.