сабота, 21 декември 2024

Министерството за одбрана на Србија: Наводните безбедносни сили кои Курти ги спомнува се шверцери

Министерството за одбрана на Србија соопшти дека тврдењата на косовскиот премиер Аљбин Курти за движење на припадници на војската на Србија во близина на административната линија со Косово и Метохија е продолжување на кампањата на дезинформации насочени против безбедносните сили на Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Курти ја обвини војската на Србија дека била на 50 метри од линијата со Косово, но дека, како што кажа, „војниците избегале“ штом биле забележани и додаде дека станува збор за поттикнување тензии.

Тој објави повеќе фотографии на кои се гледа воено возило, како и повеќе лица во воени униформи, а ги наведе и координатите на локацијата на која тоа наводно се случило.

Министерството за одбрана на Србија соопшти дека во постот на социјалната мрежа се гледаат припадници на војската на Србија во копнената зона на безбедност кои извршуваат редовни задачи за обезбедување на административната линија и контрола на зоната на безбедност, во согласност со Воено-техничкиот и сите други потпишани договори.

„Наводните безбедносни сили кои Курти ги спомнува во медиумите, кои дошле во контакт со припадници на војската на Србија на спомнатата локација, се всушност шверцери на бесправно исечена шума од територијата на централна Србија, што е инаку вносна нелегална активност. Органите за обезбедување на административната линија со своите активности ги пресекле нелегалните активности на префрлање на дрвната граѓа на територијата на Косово и Метохија, при што дрвокрадците избегале на просторот на КиМ, а затечените подвижни средства кои ги користеле за криминалната активност им се предадени на припадниците на министерството за внатрешни работи“, соопшти српското министерство за одбрана.

Се додава дека во обезбедувањето на административната линија кон Косово нема место за косовска полиција или косовски безбедносни сили, бидејќи Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Воено-техничкиот договор не препознаваат други субјекти освен меѓународното цивилно и безбедносно присуство на Косово и Метохија и силите за безбедност на Србија.

„Во таа смисла, тврдењата дека косовските власти блиско ја следат ситуацијата во случајот на некакви активности на силите на Србија и косовските безбедносни сили долж административната линија немаат основа во реалноста и покажуваат целосно игнорирање на постигнатите договори“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ