понеделник, 10 март 2025

Министерството за култура инвестира во заштита на културното наследство во Струмица

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Струмица најави големи инвестиции во објекти за културата и заштита на културното и историското наследство.

Објавено на

часот

Сподели

Имено, министерот покрај довршувањето на изградбата на стариот театар во Струмица, за кој се обезбедени 198 милиони денари и треба да биде предаден во употреба кон крајот на 2026 година, присуствуваше и на почетокот на работите за конзервација, реставрација и саниција на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица.

„За многу краток период ќе биде распишана и повеќегодишна јавна набавка, а за овој мошне значаен објект министерството ќе издвои 15 милиони денари. Се опфаќаат многу повеќе делови во надворешниот и внатрешниот дел на црквата. Велиме повеќегодишна јавна набавка зашто гарантираме дека во следните три години тие 15 милиони денари ќе бидат наменети само за црквата. Се разбира, доколку има побрза динамика во делот на конзервацијата, реставрацијата и во делот на санацијата, побрзо ќе бидат обезбедувани средствата“, рече министерот Љутков.

Тој ја посети и Римската бања во село Банско, каде треба да се постави покрив на ова термално лекувалиште и за таа намена се обезбедени 25 милиони денари од прекуграничниот проект ИНТЕРЕГ на ЕУ за периодот од 2021-2027 година и со партнери од Италија и Грција ќе се реализира овој проект заедно со Завод и Музеј Струмица.

Според Викарниот епископ Јаков Стобиски, Црквата „Свети Кирил и Методиј“ долги години е е во лоша состојба и буквално сите гледале како се распаѓа.

„Обврската за санација на црквата ја има министерството и Завод и Музеј Струмица. Заводот аплицираше во повеќе наврати, но поранешното раководство на министерството не покажа ниту најмал интерес, а се финансираа проекти кои овозможуваа ширење на „квир културата“, на пример и многу други значајни проекти за нив. Јас во име на Струмичката православна епархија, на МПЦ и на сите струмичани сакам да му се заблагодарам на министерот и на Владата што конечно презедоа обврска и покажаа одговорност за да се заштити црквата Свети Кирил и Методиј“, изјави Викарниот епископ Јаков од Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

Посетата на Струмица министерот Љутков ја заврши во манастарскиот комплекс на црквата Свети Леонтиј во Водоча, каде ќе се санира и конзервира покривот на овој објект.

„Овој манастир е многу значаен за историјата на Струмица. Таму има многу големи оштетувања на покривот и заради тоа „Завод и музеј Струмица“ има изработено проект за санација на покривот, а Министерството за култура и туризам издвојува 1,2 милиони денари“, истакна Љутков, кој додаде дека се очекува работите таму да почнат годинава, но и да завршат.

Министерот Љутков денеска го посети и НУЦК „Антон Панов“ каде имаше средба со актерите за време на проба за претстава. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ