среда, 5 февруари 2025

Министерството за финансии прифаќа да врати 50 милиони евра на 156 компании, откако Уставниот суд го поништи „солидарниот данок“

Министерство за финансии ќе постапи по одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во Службен весник и ќе ги сервисира создадените обврски од буџетот. 

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството за финансии, посочуваат дека нема да коментират судски одлуки, откако Уставниот суд денеска донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, што значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

„Министерството за финансии нема да коментира судски одлуки, вклучително и денеска донесената од страна на Уставниот суд. Согласно надлежностите како Министерство за финансии ќе постапиме по одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во Службен весник и ќе ги сервисираме создадените обврски од буџетот“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.

Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон, Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница беше донесена конечната одлука. Судот, тогаш, изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото, уредена со членот 8, став 1, алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција по денешната седница појасни дека компаниите сега имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

„Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Значи правната сигурност на субјектите во правото е дека тие мора да имаат правна предвидливост. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека. Не може сред игра да им ги менуваш правилата на игра. Тоа е правната предвидливост, тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеењето на правото. Кога владее правото ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит, толку данок ќе платам. Сè друго води кон правна непредвидливост и правна несигурност“, изјави Костадиновски.

На крајот на денот, посочи Костадиновски, во услови на немилосрдна борба да привлекување странски инвестиции каква порака се праќа до економските субјекти.

„Дека државата може по потреба кога ќе ѝ текне да воведе данок. Овој пат е за солидарност, утре ќе биде за нешто друго. Не, таа тежина на повредата и особено ретроактивното дејство, беше клучно за одлуката да биде поништувачка“, изјави Костадиновски.

Подносители на иницијативите се Финмак ДОО, Скопје (У.бр.179/2023), Стопанска комора на Република Северна Македонија (У.бр.183/2023), ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје (У.бр.187/2023), Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје (У.бр.190/2023) и Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири + Партнер ДОО (У.бр.197/2023).

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ