сабота, 8 февруари 2025

Министерот на Трамп: „Различноста е нашата сила“ е најглупавата фраза во воената историја (ВИДЕО)

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет го критикуваше акцентирањето на различноста во американската војска, обраќајќи му се на персоналот на Пентагон, на кого исто така му вети построг пристап кон НАТО и дека некој ќе сноси одговорност за неуспешната војна во Авганистан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека „нашата различност е нашата сила“ е најглупавата реченица во воената историја“, рече Хегсет пред публиката од неколку стотици луѓе во аудиториумот на Пентагон, додавајќи дека под негово водство „сите ќе бидат третирани праведно“.

Хегсет, воен ветеран и поранешен коментатор на Фокс њуз, брзо ги укина програмите на Пентагон за различност, правичност и инклузија (ДЕИ), тврдејќи дека тие предизвикуваат поделби. Тој, исто така, стави крај на месечните празнувања, како што се Месецот на историјата на црнците или историјата на жените, издавајќи директива до американската војска дека „напорите да се поделат силите, да се стави една група пред друга, го еродира другарството и го загрозува остварувањето на задачите“.

Целта на програмата ДЕИ беше да ги промовира можностите на жените, етничките малцинства и другите традиционално недоволно застапени групи. Програмите долго време се напаѓани од конзервативците, тврдејќи дека иницијативите фокусирани на раса или пол се инхерентно дискриминаторски и не даваат доволно тежина на заслугите на поединците.

„Нашата сила е наша заедничка цел, без оглед на нашето потекло, без разлика како сме пораснале, без разлика на нашиот пол, без разлика на нашата раса“, рече Хегсет.

Министерот ги истакна неуспешната војна во Авганистан, руската инвазија на Украина и ненадејниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, како настани кои ја нарушија перцепцијата за американската моќ во светот. Тој додаде дека тоа ги зголемува ризиците за глобалната стабилност.

„За жал, во текот на изминатите неколку години видовме настани кои создадоа впечаток, реалност или впечаток, но повеќе би рекол впечаток, за американската слабост“, рече Хегсет. „Кога впечатокот за американската моќ не е целосна, настанува хаос. Затоа имаме намера повторно да го воспоставиме тој (инструмент на) одвраќање“.

Тој вети дека некој ќе одговара за војната во Авганистан, која заврши драматично во 2021 година со хаотично повлекување по падот на владата во Кабул, поддржана од САД.

„Ќе го разгледаме она што се случи во Авганистан и ќе ги повикаме луѓето на одговорност, не за да гледаме во минатото, не за одмазда, туку за да разбереме што тргна наопаку и зошто никој не одговараше за тоа“, рече тој.

Хегсет навести дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе се обиде повторно да воспостави глобални инструменти на одвраќање, фокусирајќи се на обезбедувањето на границата на САД со Мексико.

Тој исто така рече дека Пентагон „во најмала рака“ ќе ја помине ревизијата без никакви проблеми на крајот на четиригодишниот мандат на Трамп, кој завршува на почетокот на 2029 година. Тоа ќе биде во согласност со претходните цели на администрацијата на претходниот претседател Џо Бајден, но и со барањето на Конгресот Пентагон да помине ревизија до крајот на 2028 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ