петок, 26 јули 2024

Министерката за култура се сомнева дека изборите се причина за барањето за смена на директорот на Филхармонија

Доколку вработените во Филхармонија, членови на Синдикатот за култура навистина имаат одредени сознанија за вршење на мобинг од страна на директорот, постојат инстанци каде тоа треба да го пријават и тој ќе биде соодветно санкциониран, ијави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска одговорајќи на новинарско прашање во врска со петицијата на вработени во Филхармонија со која се бара рарешување на директорот Даниел Лазаровски.

Фото: НУ Филхармонија

Објавено на

часот

Сподели

„Го прочитав нивното соопштение денеска. На погрешна адреса упатуваат обвинување за мобинг и неправилно работење на Филхармонија. Има инстанци каде ова треба да се пријави, но не е решение собирање на потписи, кое што притоа е дискутабилно. Се ближат избори и можеби ова е нивна шанса да покажат моќ пред својот надреден. Истото беше и со Националната установа (НУ) Џез оркестар, се протестираше пред Владата и пред Министерството, се правеа разни сценарија и мене ова ми наликува на такво сценарио“, рече Костадиновска Стојчевска.

Според неа, Министерството за култура постапува само по Законот за култура, а за какви било нерегуларности во работењето на одреден директор од областа на културата, постојат соодветни институции, а тоа не е ниту министерот, ниту службите во Министерството за култура.

„Од она што го имам како информација од членовите, односно тие што биле присутни е дека директорот влегол на состанокот да им каже дека договорите на дело во тековната година се пратени на време во Министерството за финансии, и неговата обврска е завршена. Тука настанала случка, при што директорот го обвиниле зошто влегол на состанокот. Не навлегувам во тоа дали смеел или не смеел да ги информира за договорите во оваа форма или не, без да се меша во синдикалното работење. Синдикатот на култура во Филхармонија ако има какво било сознанија за неправилности, има каде тоа да го пријави. Со собирање потписи, а она што го слушам и фалсификување на одредени потписи, не е во ред“, рече министерката.

Денеска вработените во Филхармонија преку синдикалната организација поднеле петиција до Министерството за култура, со барање за  итно разршување на в.д. директорот Даниел Лазаровски поради како што велат, непрофесионално и неуко менаџирање, кое што се „одразува со големи негативни последици врз целокупното функционирање на Македонската Филхармонија. Петицијата, како што велат, ја потпишале 100 луѓе кои се вработени во оваа национална установа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ