сабота, 22 февруари 2025

Министерката за финансии тврди дека не потпишала никаков документ за вработувања по етничка припадност

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ги отфрли како неточни информациите дека наводно имало некаков договор за вработување 2.000 – 3.000 Албанци во јавната адинистрација откако претходно, првиот заменик-претседател на Владата и претседател на Демократското движење, Изет Меџити, вети дека ќе вработи стотици Албанци во државната и јавната администрација. На ова веднаш реагираше министерот за јавна администрација, Горан Минчев кој изјави дека политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„Не знам кој што изјавил. Знаете како оди издавањето согласности за вработување. Секоја согласност се издава врз основа на годишен план за вработување донесен претходната година. Годишните планови за вработување не предвидуваат такви нешта, ниту јас сум потпишала во овој момент согласност за вработување по етничка припадност или толку многу како што слушнав како бројка. Такво нешто не постои. Во овој момент најактуелен е здравствениот сектор, се потпишуваше, но за луѓето кои веќе работеле таму, им се продолжуваа договорите. Повеќе од тоа нема, ниту сум потпишала, ниту има барање, ниту има каков било договор за такво нешто, рече Димитриеска-Кочоска“, одговорајќи на новинарски прашања по средбата во Сојузот на стопански комори (ССК).

Во врска со еврообврзницата, потсети дека е исплатена со средствата од унгарскиот кредит. Првата транша беше повлечена лани, а втората годинава.

„Повлековме две транши од по 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто. По основа на овие средствата што ги позајмивме за само една година имаме заштеда во Буџетот од 30 милиони евра. Обезбедивме средства со поволни услови. Ако Македонија сака да излезе на меѓународните пазари и да позајми средства пореку издавање еврообврзница, каматната стапка нема да биде пониска од 6,25 проценти и тоа е многу лесно проверливо. Проверете со кои каматни стапки соседите ги добивале средствата и ќе видите дека не се пониски од 6 проценти. Значи, разликата е три процентни поени. Само за една година по основа на овие средтства што ги позајмивме имаме заштеда во Буџетот од 30 милиони евра. Секој што добро знае математика, може да ја направи сам пресметката. Секој што се обидува да го оцрни целиот овој процес, претпоставувам дека го користи само за ПР потези, а дома кога ќе седне ќе види колкава била заштедата во Буџетот“, напомена Димитриеска-Кочоска.

Во однос на сметководителите, уште еднаш кажа дека иако имаат дисциплински мерки, ќе можат да ги потпишат завршните сметки за 2024 година, но потоа ќе мораат да ги завршат законските предвидените часови за професионална обука. Паралелно, ќе се провери и состојбата во Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и доколку се утврдат какви било злоупотреби, ќе се преземат соодветни мерки. За 2025 година, како што рече министерката, донесен ќе биде новиот закон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ