Во обраќањето, Минчев истакнал дека јакнењето на локалната администрација е еден од клучните приоритети на Владата, бидејќи, како што рекол, професионална, ефикасна и автономна локална администрација значи подобри јавни услуги за граѓаните и поголема доверба во институциите.
Тој нагласил дека во првите месеци од мандатот, Владата презела конкретни чекори за подобрување на управувањето со локалните самоуправи, вклучително и потпишувањето на Меморандумот за соработка со ЗЕЛС, со кој општините за првпат добиле директна улога во креирањето на законските решенија за јавната администрација.
Министерот Минчев истакнал и дека Владата издвои 245 милиони евра за поддршка на општините, средства што ќе се користат за подобрување на административната и јавната инфраструктура, вклучително: модернизација на општинските административни капацитети, дигитализација на локалните услуги за побрзи и потранспарентни постапки, изградба и реконструкција на училишта, градинки, спортски сали, како и подобрување на водоводните и канализациските системи.
„Ова е најголемата инвестиција во локалната самоуправа во историјата на нашата држава, која директно ќе ја зајакне ефикасноста на локалната администрација и ќе ги подобри услугите за граѓаните“, истакнал тој.
Говорејќи за предизвиците во подобрувањето на јавната администрација, вклучувајќи и на локално ниво, министерот Минчев посочил на реформите што Владата ги презема за јакнење на капацитетите и транспарентноста во локалното управување како реформа на законодавството – измена на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, со цел обезбедување јасни критериуми за вработување, унапредување и отчетност во локалната администрација, јакнење на човечките ресурси – воведување на специјализирана континуирана обука за административните службеници преку Академијата за обука на јавната администрација, со што, како што рекол, ќе се подобрат нивните вештини и капацитети за квалитетно управување со општините, но и зголемена транспарентност и отчетност – зајакнување на механизмите за надзор и ревизија, со цел подобра контрола врз трошењето на јавните средства и намалување на ризикот од злоупотреби во локалната администрација.
Министерството за јавна администрација, нагласуваат оттаму, останува посветено на спроведување на овие реформи, кои ќе обезбедат модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација, во служба на граѓаните.