„Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите“, истакнал Минчев.
Како што соопшти МЈА, тој додал дека извештајот на СИГМА претставува значајна алатка за оценка на досегашните резултати и идентификација на областите во кои е потребно унапредување.
Посочил дека министерството активно работи на имплементација на мерките од стратегијата за реформа на јавната администрација, со посебен фокус на департизација, професионализација и воспоставување кохерентен систем на плати.
„Граѓаните мора да имаат доверба во институциите и да чувствуваат дека тие работат во нивни интерес. Затоа, реформите мора да бидат инклузивни, а процесот на креирање политики- транспарентен. Подготвивме нови законски решенија на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законопт за стручно усовршување – кои наскоро ќе бидат предложени на Владата и на Собранието“, посочил министерот.
Минчев го најавил и новиот закон за инспекциски надзор, кој треба да воведе структурни промени за подобра координација на инспекциските служби и намалување на административните трошоци.
Во контекст на европските интеграции, истакнал дека критиките од Европската комисија за политичката поддршка и координацијата на реформите ќе бидат земени предвид за унапредување на процесот.
„Благодарни сме на СИГМА за нивната континуирана поддршка. Ова партнерство е клучно за градење капацитети и приближување кон европските стандарди“, заклучил министерот кој, како што наведува МЈА во соопштението, изразил уверување дека „со заеднички напори ќе се постигнат поставените цели за модерна и ефикасна јавна администрација“.