Во рамки на конференцијата, која се одржа на министерско ниво, учесниците разговараа за иднината на управувањето со човечки ресурси во јавната администрација, фокусирајќи се на стратешкото лидерство, планирањето на работната сила и идните компетенции за одржлив развој.
Министерот Минчев во своето обраќање, ја истакна важноста на темите на конференцијата во обликувањето на иднината на јавната администрација во регионот.
„Темпото на социјалните, економските и технолошките промени наложува јавната администрација континуирано да се надоградува и развива. Јавните институции се столбот на секое функционално општество. Ефикасната употреба на иновативни алатки, податоци и технологија повеќе не е луксуз – тоа е од суштинско значење за модерното владеење “, нагласи министерот.
Пред присутните, елаборираше за клучните иницијативи, развојот на дигиталната апликација, која ја подобрува транспарентноста и му овозможува на министерството подобро да го следи и да известува за напредокот на реформите, како и за силната посветеност на Владата за реформи во јавната администрација.
„Ние сме целосно посветени за градење администрација заснована на образование, стручност, професионализам, етика и почитување на системот на заслуги. Тоа е долгорочен процес, а патот што ни претстои е сложен, но тоа е пат по кој мора да одиме. Мора да ги вработуваме и промовираме оние кои се квалификувани, оние кои работат напорно и оние кои навистина тоа го заслужуваат. Така ќе изградиме јавна администрација која ќе може ефективно да им служи на нашите граѓани и да го унапреди развојот на Република Македонија”, порача Минчев.
Министерот Минчев ја истакна и вредноста на регионалната соработка, истакнувајќи ја важноста од размена на искуства и зајакнување на напорите за создавање поефективни, одржливи и модерни јавни администрации. Тој изрази надеж за континуирани плодни дискусии и идни соработки меѓу земјите учеснички.