сабота, 22 февруари 2025
Реакции за ветувањата на Меџити за вработување Албанци во јавната администрација

Минчев: Јавниот сектор не е предизборен пазар на работни места за политичка поддршка, СДСМ: Масовна партизација од Вреди на сите институции

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати со писмена реакција на ветувањата дадени од вицепремиерот Изет Меџити за вработување на 2-3000 Албанци во државната и јавната администрација. Во реакцијата, Минчев нагласува дека политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.

Објавено на

часот

Сподели

„Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан, за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.

Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.

Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници.

Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци.

Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит- системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.

Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.

Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка.

Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања.

Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите“, наведува аргументи во својата реакција министерот Минчев.

Со реакција на изјавата на партиски настан од страна на вицепремиерот Меџити, се огласија и од опозициската СДСМ, од каде обвинуваат дека коалицијата Вреди (Влен) подготвува масовна партизација на сите институции во договор со премиерот Мицкоски.

„Со изјавата на Изет Меџити, партнерот на Мицкоски, дека планира две до три илјади вработувања на партиски кадри во администрацијата, се потврдува тезата на СДСМ дека се случува масовна партизација од страна на ВЛЕН во сите институции. Ова е со амин и во договор со Мицкоски. Пред изборите ветија мерит-систем, професионализација и праведна држава, а сега веќе е нова песна. СДСМ предупредуваше дека ова се случува а сега доаѓа како директна и бесрамна потврда од Меџити.

ВЛЕН ја третира државата како приватен бизнис, кој треба да го наполнат со партиски војници. Мицкоски седи и немо гледа што се случува. Но јасно е дека ова не е случајна изјава. Се поставуваат прашања – дали веќе постои подготвен план за масовна партизација на институциите пред изборите? Дали јавната администрација повторно ќе се претвори во партиски штаб наместо во сервис за граѓаните?

СДСМ бара итно стопирање на сите партиски вработувања и преиспитување дали постои организиран план за масовна партизација од страна на Меџити. Македонија не смее повторно да стане заробена држава. Наместо партиска армија, на државата ѝ требаат реформи, економски развој и вистинска шанса за младите“, порачуваат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ