петок, 18 октомври 2024

Милошоски: Светото тројство МАЛМЕД, Пановски и МЗ се канцер за здравството

Ако не се смени системот МАЛМЕД, веледрогерија Пановски, Министерство за здравство, тоа свето тројство кое во моментов заради профит создава канцер во здравството, мислам дека само прашање е на месеци и на години кога ваков скандал ќе ни се повтори, предупреди вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Објавено на

часот

Сподели

Тој, на вчерашната седница на Анкетната комисија за скандалот на Онкологија, ја праша актуелната директорка на Клиниката за радиотерапија и онкологија Виолета Клисаровска дали знаела дека докторката Снежана Смичкоска е во партнерска заедница со сопственикот на веледрогеријата Пановски која набавува најголем дел од лековите за Клиниката.

„Да секако дека знаев меѓутоа професорката работи години наназад. Целиот свој работен век била во Клиниката. Да, тој податок го имам, нема зошто да кријам“, одговори директорката Клисаровска.

По ваквиот нејзин одговор Милошоски рече дека токму Смичкоска била директорка во сенка на Клиниката и акционер на веледрогеријата Пановски.

„Веледрогеријата Пановски има свој акционер во Клиниката. Невенчаната сопруга на сопственикот на веледрогеријата Пановски која што и 2006 година и претходно беше директорка на оваа Клиника и за која што имаше кривична пријава по која што никогаш не се постапи била секогаш акционер на веледрогеријата Пановски внатре во Клиниката за онкологија. И кој е кругот? Почнува со МАЛМЕД. Во МАЛМЕД се утврдува кој има дозволи, кој има лиценци, кој смее да увезува и тука доминира веледрогеријата Пановски. Тука се создава структурата на неговата моќ и доминантност во понудата на лековите. Вториот дел е министерот за здравство. Министерот за здравство Венко Филипче досега бил најуслужливиот министер кон веледрогеријата Пановски пресметано и во бројки со милиони евра профит и добивки секоја година. Клиниката за онкологија и директорите се најмалиот дел и најневлијателниот играч кој мора да игра по правилата на МАЛМЕД и на министерот за здравство и да ја одржат доминацијата на веледрогеријата Пановски. Не може да ја сменат, во спротивно ќе бидат сменети“, рече Милошоски.

Тој смета дека на клиниката имало конфликт на интереси оти Смичкоска, како невенчана сопруга на сопственикот на веледрогеријата Пановски била дел од конзилиумот на Клиниката и од внатре одлучувала за набавките.

Директорката Клисаровска потврди дека Смичкоска била дел од конзилиумот, но извести дека веќе е во пензија.

„Во однос на учеството на професорката Снежана Смичкоска во конзилиумот, додека професорката беше во редовен работен однос во нашата Клиника како раководител на еден од клиничките оддели, беше член на конзилиумот, Тоа беше до 30 септември откога докторката е во пензија и не е повеќе член на онколошкиот конзилиум“, рече директорката Клисаровска.

Таквиот начин на функционирање, според Милошоски треба да се смени за да не се повтори скандалот со Онкологија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ