„Одлуките на вчерашниот самит во Брисел покажаа дека проширувањето на ЕУ од политика на заслуги се трансформирала во буџетско-политичка трговија. Европската Комисија пред неколку дена одмрзна блокирани 11 милијарди евра за официјална Будимпешта, а за возврат Унгарија ја напушти седницата и овозможи без вето да се донесе одлуката за почеток на преговорите на ЕУ со Украина.
Со цела почит кон Украина и Молдавија, но оваа одлука за почеток на преговорите за членство повеќе личи на гео-политички подарок, отколку на заслужен чекор врз основа на постигнати реформски стандарди или унапредени добрососедски односи. Со ваквата одлука се потценуваат децениските напори на сите земји од Западниот Балкан, на кои ветувањата за европска перспектива дадени уште на Солунскиот самит 2003 година денес со право им изгледаат како излитени фрази.
Дополнително, со ваквите одлуки се потврди дека доколку повлијателните членки на ЕУ сакаат да донесат одлука за почеток на преговорите со земји како Македонија или Албанија, тоа можат да го решат во рок од 8 часа, без разлика дали внатрешниот формален кочничар се вика Бугарија или Грција. Но, таква политичка волја очигледно нема. Примерот на 12 годишните преговори кои ги водат Црна Гора и Србија, а не се стигнати до никаде, најдобро покажува дека со нашиот регион дел од членките на ЕУ сакаат поцврсти врски, заеднички проекти, интеграција до одреден степен, но не и полноправно членство“, вели Милошоски.