Македонија одигра 1-1 против Молдавија во првиот од двата пријателски натпревари кои ќе ги одиграме во Анталија.
„Им честитам на фудбалерите за желбата која ја покажаа, за шансите кои ги создадоа. За жал не искористивме барем уште една од пет-шест изгледни можности кои ги имавме. Видовме прекрасен гол од противникот, мислам дека тоа им беше и првиот шут во рамките од голот. Но, тоа е тоа, одиме понатаму“, вели Милевски по мечот.
„Пред натпреварот кажав дека ќе дадеме шанса на некои играчи да видиме како се однесуваат на поинакви позиции од она што навикнале да го играат. Можам да кажам дека сум делумно задоволен, но имаме и многу простор за да исправаме работи кои не ни функционираат онака како што сме планирале и замислиле. Треба да бараме и сакам да бараме решенија на некои позиции кои ни се проблематични во моментов. Затоа и ни се овие контролни натпревари“.
Енис Барди и Алиоски го одиграа само првото полувреме, на одморот двајцата беа извадени од игра.
„Енис Барди веќе некое време има проблеми со адукторот и во Трабзон и тука работи со намален интензитет. Таков беше договорот и за Алиоски, знаеме дека нема никаква минутажа во клубот и морам да го исконтролирам тоа за да не дојде до повреда“.