Милановиќ, зад кого стојат повеќе помали партии од левиот центар на чело со најголемата опозициска Социјалдемократска партија (СДП), е првиот кандидат кој ја предаде својата кандидатура за редовните претседателски избори на 29 декември. Секој кандидат мора да предаде најмалку 10.000 потписи на гласачи.
Милановиќ во изјавата за новинарите по предавањето на кандидатурата кажа дека и понатаму ќе се спротивставува на тоа „една партија и еден човек да раководат со Хрватска и да прават што сакаат“, мислејќи на премиерот Андреј Пленковиќ и Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Тој оцени дека се загрозени демократијата и плурализмот и повтори дека ќе стои со хрватските луѓе, институциите и уставот.
„Го почитував уставот и ќе го штитам од налетите на другите. И кога станува збор за војската, институциите, давањето, оддавањето и подавањето на Хрватска во војни и опасни ситуации на кои не да не сме дораснати, никој не им е дораснат, ни оние илјада пати поголеми од нас, туку нам таму не ни е местото. И нашите деца и внуци нема таму да одат додека сум претседател на Републиката“, истакна Милановиќ.
Од потенцијалните 14 претседателски кандидати, засега, покрај Милановиќ, уште двајца најавија поднесување на кандидатурите.
Кандидатот на владејачката ХДЗ Драган Приморац најави дека во среда, 4 декември, ќе ја предаде кандидатурата и се пофали дека за само три дена ги собрал потребните потписи.
Официјалната кампања почнува на 13 декември и ќе трае до 28 декември на полноќ, односно 24 часа пред изборите.
Ако ниеден кандидат во првиот круг не освои мнозинство гласови од сите гласачи кои гласале, во вториот круг, на 12 јануари 2025, влегуваат двата кандидати со најголем број гласови.
Според анкетите, главен фаворит е актуелниот претседател Милановиќ кој е далеку пред второпласираниот Приморац.
Анкетите предвидуваат дека тие двајца би се нашле во вториот круг.