петок, 20 декември 2024

Мицкоски: Секој што сторил кривично дело ќе одговара пред органите, потребен ни е кривичен законик според европското искуство

Премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто од Брисел порача дека Артан Груби и сите оние за кои постои основано сомнение дека сториле криминал, треба од страна на Обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка, врз основа на доказите.

Објавено на

часот

Сподели

„Со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен. Јас ги разбирам, но не ги оправдувам пораките кои што доаѓаат од опозицијата, а ние само со дела можеме тие шпекулации да ги сопреме“, нагласи Мицкоски.

Тој во интервјуто за МРТ во врска со бегството на Артан Груби и обвинувањата од СДСМ, од Брисел порача дека од СДСМ и другите опозициски партии ќе продолжат со измислици, но важно е дека во јавноста постепено се враќа чувството на надеж.

„Јас не очекувам раководството на СДСМ и другите опозициски партии да излезат во јавноста и да речат – ‘браво, успешно завршена акција’. Тие ќе си продолжат со измислици и со монтажи. Важно е дека постепено се враќа чуството на надеж и тоа го гледаме на анкетите. Не велам дека е брилијантно, не велам дека ние чуда направивме за шест месеци, но факт е дека чувството се враќа. Факт е дека бројот на испитаници кои што велат дека Македонија се движи во вистинска насока е четири до пет пати поголем од тоа што беше пред шест месеци. Ќе работиме уште подобро“, рече Мицкоски.

Тој вели дека имаме одлична борба против криминалот и корупција и добро е што граѓаните тоа го препознаваат и даваат поддршка.

Како што посочи, секој оној кој сторил кривично дело, без разлика дали е политичар, дали е цивил – ќе одговара пред органите и на тој начин ќе продолжат да работат во иднина.

Во контекст на борбата против криминалот и корупцијата, премиерот Христијан Мицкоски смета дека е потребен нов кривичен законик, кој ќе биде базиран на европското искуство, затоа што овој Кривичен законик, ваков каков што е, ќе значи амнестија за дел од сторениот криминал за којшто постои основано сомнение и докази.

„Овој Кривичен законик, ваков каков што е сега, условно кажано ќе значи амнестија за дел од сторениот криминал, за којшто постои основано сомнение и докази, дали во фаза на истраги или во судска фаза. Тоа е затоа што овој Кривичен законик за тие случаи е поповолен и согласно Уставот, тоа ќе значи застарување на делото, без разлика дали ние ќе носиме нов закон. Не може новиот да го надсинхронизира овој кој што постои. Новиот Закон не може да ги врати тие дела“, посочи Мицкоски во интервјуто за МРТ од Брисел.

Тој е дециден дека ни е потребен нов кривичен законик базиран на искуствата од земјите членки на ЕУ.

„Нов закон базиран на европското искуство ќе биде дел од сеопфатната реформа во судството и обвинителство кај нас. И да, планираме такво нешто да направиме“, додаде Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ