„Во изминативе месеци, морам да признам, дека се запознавав детално со начинот на функционирање, начинот на избор, институционалната меморија и сето она коешто е поврзано со судско-обвинителскиот систем во државата. Јас кога нешто не знам се трудам да седнам и да го учам сето тоа. И нормално заедно со министерот, со сите луѓе кои што работат и во Министерството за правда, со заменикот, со државниот секретар, заедно со пратениците и пратеничките групи, анализираме и споделуваме искуства, бараме решенија итн. И не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас, дека тоа е едно мочуриште коешто изобилува со многу контроверзии и скандали“, изјави тој.
Премиерот Мицкоски смета дека можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште.
„Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки“, истакна тој.
Мицкоски додаде дека Владата, како што рече тој, треба да удри во чело.
„Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти…Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции, на, во случајов Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, тамо каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки“, вели премиерот Мицкоски.
Мицкоски изрази надеж дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат.
Првиот човек на советот пак, Александар Камбовски смета дека секој нов закон кој ќе овозможи Собранието да разрешува членови на Судски совет ќе донесе политичко влијание врз ова тело.
„Вакви слични пракси со негативно искуство имаше и во изминативе три децении. И ние сме дел од работната група за промена на законот, но сме изречно против законодавната власт да може да менува наши членови. Заедно со Јавнообвинителскиот совет и Академијата на судии и јавни обвинители ќе излеземе со свои предлози за одредени законски измени. Целта е да се ублажи кризата пред сѐ со кадарот во обвинителствата и судството“, изјави Камбовски.