петок, 7 февруари 2025

Мицкоски: Ние го градиме коридорот 8, сакаме да знаеме што се случува во Бугарија и Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање во врска со текот на реконструкцијата на студентските домови во Скопје, кои имаат значаен придонес за подобрување на студентскиот стандард, информираше дека во тек е реконструкција на два студентски дома, „Кузман Јосифовски-Питу“ и студентскиот дом „Стив Наумов“, за кои се очекува за година и половина од денеска или до 2026 година да биде завршена.

Објавено на

часот

Сподели

„Во тек е реконструкција на два студентски дома, проектот е вреден 17 милиони евра. Тоа се студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и студентскиот дом „Стив Наумов“. Таму се менува комплетно инсталацијата, фасадите, арматурата, начинот на затоплување и ладење, се монтираат сончеви панели, енергетски ефикасни објекти.

И навистина очекувам, за година и половина од денеска , или кон крајот на 2026 година, да имаме два навистина репрезентативни објекти, во коишто студентите ќе можат да живеат, да учат, да напредуваат и да го стекнуваат и разменуваат своето знаење“, објасни премиерот.

Во контекст на градежните активности кои ги има преземено Владата, премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање информираше и како тече изградбата на ветените патишта низ Македонија

„Изградбата, ако се спореди со тоа како напредува сега и каква беше во истиот период пред една или две години, можам да кажам дека разликата е десеткратно подобрена, во насока на динамиката. Бевте сведоци на почетокот на годината дека се пуштија во употреба неколку експресни делници, меѓу кои и делницата Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка. Исто така делницата од Градско до Дреново, практично сега треба да биде комплетирана. Треба да се продолжи и понатаму со реализација на овие проекти.

Понатаму со несмалена динамика се реализираат и коридорите 8 и Коридорот 10Д. Тоа што беше заглавено со години, сега се одглавува, веќе фронтот е отворен. Очекувам дека до крајот на следниот месец експропријацијата, имотно-правните односи ќе бидат разрешени, со што се отвара фронт за градежните компании.

Истовремено се бара решение за делницата Требениште-Ќафасан, бидејќи знаете дека дел од таа делница е во периметар заштитен со УНЕСКО. Се разговара со компанијата- изведувач.

Истовремено со несмалена динамика се работи на делницата од Кичево до Охрид. Очекуваме од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, да биде, исто така пуштена.

Првата секција од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена. Се работи на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Се разговара со источниот сосед, со Бугарија на високо ниво околу третата секција и делот којшто припаѓа во Бугарија. Бидејќи кажав и вчера, ќе повторам, Коридорот 8 подразбира поврзување на Драч и Бургас. Коридорот 8 не подразбира поврзување на Куманово и Крива Паланка. Затоа сакаме да знаеме јасно какви се плановите на нашите соседи. Ние нашето си го завршуваме, граѓаните ги плаќаат кредитите што ние ги земаме како држава и градиме. Сакаме да видиме што ќе се случува во Бугарија и во Албанија. Тоа е практично Коридорот 8. Така што ценам дека динамиката е исклучително добра и очекувам во периодот којшто следи уште многу убави вести за македонските граѓани“, информираше премиерот Христијан Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ