недела, 6 октомври 2024

Мицкоски му порача на Ахмети да ја реформира партијата, Меџити пак дека ДУИ треба да се занимава со себе си

Помири се, опозиција си, реформирај ја партијата и исчисти ги криминалците од своите редови, му порача денеска од Охрид премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерот на ДУИ Али Ахмети. А првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити некогашен партиски колега на Ахмети од прес центарот на Владата ѝ порача на ДУИ дека излегувањето на Мендух Тачи од ДПА од коалицијата Европски фронт е само почеток на крајот на партијата на Ахмети.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Мицкоски, Ахмети треба да покаже визионерство преку проекти и идеи, како и да покаже дека ја почитува Македонија.

Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ апелира и до останатите опозициски партии, да излезат од сегашната матрица, да ги надминатат суетите и потребата сѐ да се критикува по секоја цена и наместо тоа, да излезат со нивни предлози за креирање уште подобри решенија.

„Реформирај ја партијата. Реформирано ДУИ е важно за татковината. Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа. Ова е наша заедничка татковина. Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зеат празни, за 20 години повеќе од 100.000 Албанци се иселија од државата. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, да си дофрлуваме и да подгреваме тензии. Знам дека ти одговара да влегуваш во конфликти со мене и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна, теснопартиска политика. Надмини го тоа, придонесете со предлози и проекти. Јас ви ветувам, ќе прифатиме сѐ што ќе значи прогрес и развој на земјата. Не е добро секогаш кога сте опозиција да почнувате етнички теми, а кога сте на власт да станувате зелена партија“, рече Мицкоски.

Додаде и дека Албанците во земјава живеат лошо.

„Неспороно е дека дел од Албанците го почитуваат Ахмети, но зошто да не ја заслужи почитта и од Македонците? Покажа визионерство за некои работи, но треба да покаже визионерство и преку проекти, идеи и визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Помири се, опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа, а за тоа што го правеа има институт што се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам, ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури“, потенцира Мицкоски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека излегувањето на Мендух Тачи од коалицијата Европски фронт е само почеток на крајот и оти во иднина ќе има поголема дестабилизација во неа.

„Тие не се навикнати да бидат опозиција сакаат по секоја цена да бидат власт и ниту идеолошки, ниту минатото ги спојува во Европскиот фронт. Таа коалиција не е заради европски вредности и идеологија туку по секоја цена да бидат повторно на власт. Во моментот кога нема власт, нема што да ги спојува. Во моментот кога не се власт, не се дестабилизира Владата или државата, туку полека, но, сигурно се дестабилира Европскиот фронт. Ова е само почеток на нивниот крај“, рече Меџити во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата за „100 дена Влада“.

Тој смета дека не е сериозно, ниту искрено барањето на ДУИ за ветинг на политичарите.

„Ако ДУИ беше сериозна во желбата да се реализира ветинг на политичарите, тие имаа време тоа да го направат. Под притисок на јавноста велат дека се за борба против корупцијата, но, ако им била искрена целта тоа ќе го направеа во минатото. Владата во еден од своите пет приоритети ја има и борбата против корупцијата. Последниот збор го има Обвинителството“, рече вицепремиетот и министер за животна средина и просторно планирање.

Тврдењето на ДУИ дека ќе работат на деблокирање на евронтеграциите, според Меџити, е исто така беспредметно оти додека биле на Власт не сработиле ништо.

„Ќе им порачам малку да работат на себе си за да бидат атрактивни на политичката сцена, а не да удираат за работи кои сами не ги направиле. Ние буквално овие 100 дена се занимаваме со нивните погрешни решенија или делумни и незавршени решенија“, рече Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ