петок, 18 октомври 2024

Мицкоски: Мислам дека ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓународната сцена

Данела Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект за изградба на булеварот „Хасан Приштина“. Веќе 2 години 10 милиони евра се префрлени на сметката на Град Скопје за тој булеват, а тие пари не се потрошени, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски за ТВ Сител одговарајќи на реакцијата на Град Скопје за распределбата на парите од унгарскиот кредит.

Објавено на

часот

Сподели

„Да тоа е капитален проект. Треба да е комплетен, а второ треба да се потрошени оние 10 милиони евра кои што веќе се дадени за реализација на еден таков капитален проект како што е Булеварот Хасан Приштина кој што не само што не е почнат две години, туку ниту фенинг не е потрошен“, рече тој.

„Ако некој нема капацитет да реализира капитални инвестиции, како што е тој булевар, иако до мене стигаат многу информации дека се тргува со тие средства кои ги има Градот Скопје на својата сметка, па се бараат градежни фирми кои тоа ќе го изведуваат и итн., тогаш има институции кои со тоа се занимаваат. Факт е дека тој проект не е почнат со реализација и сега кога ќе видите дека некои 10 милиони евра му стојат 2 години на сметка, а не инвестирал ништо, тогаш логично е да поставите прашање зошто и тие 10 милиони евра не си ги вратиме назад во буџетот и да ги искористиме за нешто што е потребно за граѓаните во некои општини кои се поподготвени“, дециден е Мицкоски.

За односите со Бугарија, Мицкоски изјави дека сè поголем е бројот на дипломати во Европа и во светот кои гледаат со симпатија на нашите аргументи, на нашата позиција и на можното решение што ние го предлагаме. Настапуваме со факти и ги браниме интересите. Прашањето е каква волја има, да најдеме решение или не. Зошто да не го почитуваме Договорот за добрососедство? Не протоколот, не предлогот, туку Договорот. Во Договорот со Бугарија не стои дека треба да има уставни измени. Епа, тогаш, ајде да го почитуваме, ние тоа бараме, да го почитуваме Договорот, Договор е или не? Ајде да го почитуваме“, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.

Зборувајќи за деблокирањето на евроинтеграцискиот процес, Мицкоски, уште еднаш потенцира дека е оптимист. Сите аргументи, според него, се на наша страна. Истакна и дека е многу важна пораката што се испраќа од официјална Софија.

„Мултилатерален или билатерален е проблемот? Која е пораката? Слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека откако ќе се консолидира општеството по изборите, ќе имаме појасна слика и дека ќе добиваме конечни пораки. Ние велиме, тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ, тогаш уставните измени да важат. Ајде уште едно ремек-дело да направиме“, истакна Мицкоски, алудирајќи на Преспанскиот договор кој дипломатите во минатото, како што нагласи, го претставувале како ремек-дело. Тој уште еднаш кажа дека додека ја предводи Владата, националните интереси ќе бидат одбранети.

„Голем дел од европските и светските дипломати со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции поврзани со евентуално можно решение кое го предлагаме и за кое зборуваме изминатиов период. Конечно на нас како држава се гледа како на партнер, а не како на нешто за поткусурување. Мислам дека ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓународната сцена. Можеби е потешко како помала држава да ги браните националните интереси, но сè додека јас ја предводам Владата, националните интереси ќе се бранат и ќе се одбранат“, подвлече премиерот.

Мицкоски порача дека времето ќе покаже дали бил оправдан оптимист.

„Очекувам темава во периодот што следи да има завршница за да го одблокираме процесот и да почнеме да преговараме“, нагласи Мицкоски.

За коридорот 8, за железничкото поврзување со Бугарија, Мицкоски рече дека нема да градиме сè додека Бугарите не си го завршат својот тунел, односно својата половина од тунелот и тие километри што недостасуваат од тунелот до приклучокот со националната железница на Бугарија.
Мицкоски додаде дека додека не се завршат обврските од другата страна на границата залудно е да се трошат половина милијарда евра за нешто што нема да биде функционално.
„Моментално буџетот за реализација на тој проект е 550 милиони евра од коишто 350 милиони се кредит, а 200 милиони се грант. 350 милиони ние ќе ги враќаме. Со тоа што изведувачот има право на пенали и клејмови. Моето скромно инженерско искуство вели дека најмалку уште 200 милиони ќе бидат потребни. Така што од тие 350 ќе дојдеме до половина милијарда пари кои ние ќе треба да ги платиме. И да 200 милиони евра што се грант и кои ќе ги платат европските даночни обврзници. Да, и тоа е точно, но 500 милиони ние“, потенцираше Мицкоски.
На прашање зошто мисли дека Бугарија не би го градела тунелот, Мицкоски одговори дека, таков сличен пример е и граничниот премин Клепало кој кај нас е готов, а во Бугарија нема истурено ниту кубик песок.
„Искуството вели дека ние си ја завршуваме домашната задача, ама од другава страна некако слабо оди завршувањето“, потенцираше Мицкоски.
„Ние мислиме дека сè додека не биде комплетен овој проект би било залудно трошењето на народните пари“.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ