„Влеговме во сериозни разговори со оваа реномирана турска компанија. Целта нивна, а и наша цел е заедничка, да изградиме производни капацитети коишто истовремено ќе произведуваат и електрична енергија и топлина. Затоа што само така тие можат да бидат економски исплатливи. Тоа е когенеративен процес. Тоа се гасни електрани кои произведуваат и топлина и електрична енергија. А топлината, оние делови од Скопје, коишто во моментот не се приклучени на централното греење, ќе можат да ја користат за затоплување на своите домови. Зошто? Затоа што, сите анализи велат дека, најголемата причина за загадувањето е за жал системот на затоплување на домовите, односно користење на дрва и други типови на фосилни горива или отпад. Не сакам ова да се сфати дека критикувам. Напротив, луѓето немаат избор. Кога луѓето би имале избор, тогаш би било полесно. Но, бидејќи тие немаат избор, никоја претходна влада не овозможила избор, се снаоѓаат некако. И таквото снаоѓање резултира со голема емисија на ПМ2,5 и ПМ10 честички, со што имаме енормно високо ниво на загадување не само во Скопје, туку и во градовите ширум државата. Ова е единствениот начин како можеме, на долг рок да го решиме загадувањето, но истовремено и да им понудиме на домаќинствата алтернатива за затоплување на нивните домови. Ќе треба време, периодот е од три до пет години, но важно е да почнеме. Ако ова се почнало порано, сега сè ќе беше поинаку. Рековвме дека ќе го решиме и почнуваме да го решаваме проблемот. Магионичари не сме. Тука нема магија. Ова е инженерски технолошки процес и ќе треба време од три до пет години. Ова е само почеток. Одиме град по град и ќе се обидуваме ваков тип на проекти во секоја од општините, онаму каде што нема организирано централно затоплување, да обезбедуваме, се разбира, да наоѓаме компании кои ќе инвестираат“, објасни Мицкоски.
Премиерот напомена дека ќе нема субвенции надвор од законските и потсети дека во минатото на поедини инвеститори им се даваа енормни повластувања. Се осврна и на тоа дека целта на Владата е да обезбеди затоплување на домовите, онаму каде што е потребно и намалување на емисијата на штетни честички.
„И на крај, да потенцирам, нема никакви субвенции надвор од законските. Нема гарантирани цени, нема гарантирани договори за откуп, нема повластени цени, нема повластени инвеститори, нема стратешки инвеститори итн. Сè се темели на пазарните услови и тоа е главната парадигма зошто влегуваме во овие процеси. Ова е инвестиција која ќе работи на пазарни правила и на пазарни услови. Наша цел е да обезбедиме затоплување на домовите онаму каде што тоа е потребно и намалување на емисијата на штетни честички ПМ2,5 и ПМ10“, изјави премиерот.