„Од октомвриската плата, која практично ќе биде исплатена во ноември, па се до февруарската плата, којашто ќе биде исплатена март 2025 година, ќе имаме покачување од 5 отсто на платите. Потоа во март 2025 година ќе имаме покачување од 7 отсто, во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе имаме покачување помеѓу 7,5 и 10 отсто. Исто во зависност од состојбата на буџетот во март 2027 ќе имаме помеѓу 7,5 и 10 отсто, и исто така зависно од состојбата на полнењето на буџетот, во март 2028 година ќе имаме помеѓу 10 и 12,5 отсто покачување на платата. Тоа би значело во овој дијапазон за којшто сега зборуваме , во март 2028,т наставниците и професорите во основното и средното образование треба да земаат од прилика минимум 46 отсто повисока плата од таа којашто ја земаат денес. А може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета. А тоа ќе зависи од приходната страна на самиот буџет“, кажа по состанокот премиерот Мицкоски.
Освен зголемувањето на платите, на состанокот во Владата со претставниците на СОНК е договорено да биде завршен Колективниот договор, најдоцна до февруари, 2025 година.
„Се договоривме најдоцна до февруари месец, наредната година, Колективниот договор да биде завршен, потпишан и да имаме веќе една јасна основа како понатаму ќе можеме да се развиваме и кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места. Бидејќи сега, условно кажано би рекол дека имаме нејаснотии во тој дел“, изјави Мицкоски, заблагодарувајќи се на Министерството за образование и на Министерството за финансии и на претседателот на СОНК, за конструктивниот дијалог што се случувал изминативе недели.