„Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон којшто вчера беше на дневен ред е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно СДСМ и она што е интересно кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата, затоа што самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што им мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат повторно етнички тензии, етничка нетрпеливост, бидејќи на таа карта ќе играат и тие и другите опозициски партии без разлика дали се од македонскиот блок или од албанскиот“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.
Мицкоски порача граѓаните, како што рече, да не наседнуваат на такви игри и оцени дека состојбата во државата е стабилна. Уште повеќе, затоа што државата, како што рече, конечно почна да се развива.
„Затоа молам овие теми да не создаваат етнички конфликти и етнички поделби. Тоа е целта. Ова ќе биде политиката. Тие не знаат како да ја кренат економијата или да дадат предлог, тие не знаат како да изградат, тие не знаат како да направат нешто добро, но се мајстори за создавање на вакви тензии. Тоа е суштината и тоа ќе се случува во периодот, но ние сме држава и ќе се браниме и ќе ги одбраниме граѓаните и безбедноста“, рече премиерот.
Фото: Спортски центар „Бранители“ во Бутел каде Мицкоски даде изјава
Во одговор на прашањето дали се согласува со изјавите од „Вреди“ дека ако треба да помине овој закон, истите привилегии ќе мора да ги имаат и поранешните припадници на ОНА, и дека овој закон е напишан во Речица, но предложен од СДСМ, Мицкоски не одговори директно туку повтори дека бранителите ќе ја имаат неговата поддршка.
„Мала Речица и Бихаќка имаа седум години можност да разговараат на овие теми. Јас ви кажав која е целта и повторно сакам да алудирам дека тоа ќе е начинот како ќе функционираат во периодот којшто следи. Не можат поинаку да мобилизираат луѓе затоа што од голтари влегоа во политиката милионери излегуваат, од команданти излегуваат милионери. Тоа е суштината. Тоа е суштината овие 20 години што тие така правеа, а ќе повторам бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка“, одговори Мицкоски.
Првиот вицепремиер и министер, Изет Меџити, кој е во официјална посета во Соединетите Американски Држави, оттаму испрати своја реакција категорично порачувајќи дека тој закон што го предложи Славјанка Петровска од СДСМ нема да помине. Без да се изедначат статусот и правата и на припадниците на ОНА такво нешто нема да помине, вели Меџити.
Фото: Меџити фотографиран во Вашингтон
Според него, законскиот предлог е доказ дека предупредувањата за дестабилизација добиваат конкретна форма.
„Милионерите од фронтот на ДУИ, потомците на Комунистичката партија на Југославија – СДСМ и претставниците на фашистичката левица – ЛЕВИЦА, ги здружија силите за да ги реализираат предупредувањата за дестабилизација на државата и поттикнување етнички тензии. Со оваа цел тие на дневен ред во Собранието го внесоа предлогот за законот за бранители. Но, нашите пратеници се против без дополнување со решение за привилегиите и на припадниците на УЧК“, порача Меџити.
Според него, предлог-законот за бранителите е обид за поттикнување меѓуетнички тензии и дефокусирање на вниманието на јавноста од фрапантното криминално богатење на челниците на ДУИ.
„Ги потсетувам милионерите од ДУИ дека со гласовите на нивните министри, (поранешната) влада ја финансираше одбраната на Трачуловски во Хаг. За време на нивното владеење неколку пати беше воведен закон за бранители; а уште полошо – истиот закон е договорен во владините структури на ДУИ, само за да можат бранителите да уживаат разни привилегии, дури и онаа на бесплатни студии на Универзитетот во Тетово што војниците на УЧК го платија со крв“, нагласува Меџити и порачува дека „законот на Славјанка Петровска и Блерим Беџети нема да помине“.
ДУИ и денеска реагира, а острицата на критиката е насочена кон Вреди.
„Поразените пратеници на Вреди првично се изјаснија дека се против и дека ќе го спречат донесувањето на законот за бранители. Тие ја напуштија седницата, но по телефонскиот повик од нивните сопственици од ВМРО се вратија со свиткани опашки и обезбедија кворум за усвојување на дневниот ред со точката за бранителите. Тоа е доказ дека Вреди се заложници на ВМРО и дека со секоја нивна постапка ги земаат на врат Албанците. Националното знаме, албанскиот јазик, поранешните војници на УЧК, правичната и соодветната застапеност, балансерот, не посрамотија пред Косово и Албанија и секое национално достигнување беше прекршено за помалку од 100 дена“ наведуваат од ДУИ.
Инаку, денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање рече дека мотивот за поднесување на предлог-законот е да им се помогне на инвалидизираните бранители и на семејствата на починати бранители, да се излезе во пресрете на нивните реални потреби..
„Тука воопшто нема димензија на создавање меѓуетнички поделби или тензии“, изјави Филипче.
П.Џ.