недела, 22 декември 2024

Мицкоски ако победи на изборите вети завршување на автопатот Кичево-Охрид до 2026

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ која што се одржа во Другово, општина Кичево, вети дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт до 2026-та година ќе бидат завршени автопатот Кичево – Охрид, како и неколку експресните патишта.

Објавено на

часот

Сподели

Тој оцени дека моменталната власт нема да го заврши автопатот.

„Сега сме веќе втора половина на февруари месец, а од автопатот нема ниту „А“. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. Зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти завршен од тоа што треба да биде 100 проценти. Значи имаме некаде од прилика 30-тина проценти. И ние детално подготвувајќи се за оваа трибина, анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување кое што ќе биде дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026-тата година“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во однос на проектот на „Бехтел и Енка“ биле потрошени повеќе од 14,5 милијарди денари, а ништо не било сработено.

Доколку се анализира проектот на „Бехтел и Енка“ ќе се заклучи дека тој ваков како што е има вредност од 1,3 милијарди евра, но таму може да се увиди дека најголемиот дел од вистинските ставки кои што ќе треба понатаму да бидат применети во проектот не се вклучени со цена. И кога сето тоа ќе се антиципира истите тие ќе бидат вклучени со цена, па на тоа ќе се додадат трошоците за експропријација и тогаш сигурно таа бројка од 1,3 милијарди ќе натфрли повеќе од две милијарди евра па можеби и повеќе. Затоа ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за да се реши овој проблем бидејќи досега заклучно со декември месец се потрошени повеќе од 14,5 милијарди денари, а шајка не е закована, посочи тој.

Додаде дека треба да се изнајде најекономично, најоптимално и најисплатливо решение за завршување на овие проекти.

„Експресниот пат од Градско преку Росоман завршува до Прилеп, тоа е во три фази. Третата не е почната, но првите две фази гледате дека се градат со години. Ние како ВМРО-ДПМНЕ со правилен менаџмент, теренски со јасен план овој проект планираме во 2026 година да го завршиме и на тој начин Градско, Росоман до Прилеп ќе биде поврзана делницата со што ќе биде зголемена безбедноста“, рече тој.

Мицкоски посочи дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе бидат средени и двата километри од Блаце кон Скопје до крајот на 2024 година.

„За да го поврземе граничниот премин Блаце со Скопје, имаме уште една делница од 10 и половина километри, делот кој што треба да го поврзе Скопје со овој граничен премин, и имајќи ја в предвид ситуацијата со која што сега се наоѓа, имајќи в предвид техничките можности од прилика реално е да се очекува дека до крајот на мандатот на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе биде завршено. И на тој начин Скопје ќе биде поврзан со граничниот премин Блаце“, укажа тој.

Мицкоски вети дека во првата година од мандатот на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бил завршен и експресниот пат кој што Ранковце го поврзува со Крива Паланка, како и поврзувањето со експресен пат на Струмица и граничниот премин Ново Село, и истовремено автопатската делница од Велес преку Чашка до Прилеп.

Мицкоски на дебатата најави и два проекта во областа на урбанизмот со кои ќе се намали корупцијата.

„Во делот на урбанизмот сакам да споменам две работи, а тоа е проектот е-простор. Денеска за да почнете еден проект или да почнете план потребно е да добиете мислење од многу институции. Од МЕПСО за нивната инфраструктура, ЕВН, од комунални претпријатија, од Заводот за културно и историско наследство итн. Станува збор за десетици институции кои треба по закон да ви дадат мислење дали нешто можете да урбанизирате. Нашата цел во следниот мандат ќе биде комплетно дигитализирање на сето ова, да може урбанистот да го направи планот без да чека мислења од соодветните институции на начин на кој ќе ја користи таа софтверска алатка која ќе му дава одговор дали на таа парцела, во тој периметар има каква било инфраструктура која било од надлежните институции. Целосна дигитализација со што ќе се намали влијанието на човечкиот фактор, ќе се забрза самиот процес, ќе се зголеми транспарентноста и она што е многу важно ќе се намали моментот на корупција, бидејќи тоа најмногу ги мачи граѓаните“, рече Мицкоски.

Мицкоски освен на е-проектот се осврна на уште еден проект за кој рече дека ќе го олесни градењето.

„И второто, тоа е една софтверска алатка која би била наречена бим алатка. Тоа е алатка која би ја користеле институциите и проектантите кои во процес на вадење на градежна дозвола ќе можат да го инсертираат самиот проект, односно цртежите кои се составен дел од тој проект, а оваа алатка да даде одговор на тоа дали проектот одговара на урбанистичките основи, дали тој проект ќе можеме понатаму да го користиме и конечно да можеме да го забрзаме процесот на давање на градежна дозвола, да ја зголемите транспарентноста и да ја намалиме корупцијата, она што е најважно“, кажа Мицкоски.

Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски оцени дека не се работи доволно на инфраструктурата во државава.

„Сум бил многу пати тука на терен каде се гради автопатот Кичево-Охрид, ама се работело многу, и последен пат кога бев кога се работеше имаше околу 1200 работници и околу 500 машини. Сега може да видите машини паркирани, нема многу работници. Тоа значи дека не се работи“, рече Мисајловски.

Мисајловски додаде дека ќе бидат потребни и многу средства за одржување на патиштата.

„Но, инфраструктурата не се само автопатите, експресните патишта. Тука се болници, училишта, градинки, сали, бидејќи тоа се прави паралелно, и патишта и објекти. Секоја држава мора да вложува. Проблем е сега што има многу корупција и ние не сме против проекти, туку против корупција при изработка на проектите“, подвлече Мисајловски.

Од друга страна претседателот на Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ Синиша Ивановски, меѓу другото, зборуваше и за железничкиот транспорт и кажа дека возовите не се движат заради лошата железничка инфраструктура.

„Го укинаа возот кон Кичево, Куманово, Кочани. Инфраструктурата која нема да се користи две години, како што е случајот со Кичево, треба да се реконструира, а тоа се огромни средства. А зошто возовите не се во движење? Затоа што не се сервисирани. За некои работи требаат финансии, ама за да се сервисираш нешто пред се треба волја. Ама заглавени во криминални тендери, последната работа им е  дека треба да го реконструираат и одржуваат она што им  е дадено како работна обврска. Ете затоа нема возови. Затоа ‘Скриј се Благој никој да не те гледа’“, рече Ивановски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ