четврток, 30 јануари 2025

Мета ја загуби тужбата против Трамп, мора да му плати 25 милиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша спогодба со која бара Мета платформс, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, да плати околу 25 милиони долари за да се реши тужбата што Трамп ја поднесе против социјалната мрежа во 2021 година, рекле извори што знаат за договорот, пренесува Си-би-ес њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тужбата произлезе од одлуката на Мета да ги суспендира профилите на Трамп по нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година. Фејсбук (сега Мета) прво привремено ја суспендираше сметката на Трамп, а потоа во јуни 2021 година објави дека ќе ја суспендира на најмалку две години, со образложение дека неговите објави поттикнуваат насилство и претставуваат закана за јавната безбедност.

Слично постапи и Твитер (сега Икс, во сопственост на Илон Маск), отстранувајќи го и профилот на Трамп од истата причина.

Трамп потоа ги тужеше Фејсбук и Твитер, тврдејќи дека тие го прекршиле правото на слобода на говор од првиот амандман преку „незаконска, неуставна цензура“. Твитер го врати неговиот профил во 2022 година, додека Фејсбук му го овозможи пристапот во 2023 година.

Во тужбата поднесена во Јужниот окружен суд на Флорида, Трамп побара од судот да го укине членот 230 од Законот за пристојност на комуникациите, кој ги штити социјалните мрежи од правна одговорност за содржината објавена од корисниците. Тој исто така побара да му бидат обновени профилите на Фејсбук и Твитер, како и неговиот канал на Јутјуб.

Освен тоа, тој побара од судот да им забрани на Твитер, Фејсбук и Јутјуб да применуваат каква било форма на цензура, уредувачка контрола или претходно ограничување на објавите на претседателот.

Според Волстрит џурнал, 22 милиони долари од вкупната сума од договорот ќе ѝ бидат донирани на претседателската библиотека на Трамп, додека остатокот од парите ќе ги покрие правните трошоци и отштетите на другите тужители во случајот.

Мета претходно донираше 1 милион долари за инаугуративниот фонд на Трамп, а нејзиниот извршен директор Марк Закерберг присуствуваше на инаугурацијата на Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ