„Мислам дека тоа е погрешно“, рече Меркел за вчерашното гласање за предлогот на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ), чиј лидер Мерц е и кандидат за канцелар на парламентарните избори на 23 февруари.
Меркел, која ретко ги коментира случувањата во германската политика откако се повлече во 2021 година, го обвини својот поранешен внатрепартиски ривал Мерц дека не го почитува ноемвриското ветување дека ќе соработува со традиционалните партии, а не со екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), пренесува Ројтерс.
Според анкетите на јавното мислење, АфД е втора најсилна партија во Германија со околу 20 отсто, додека прва е конзервативниот блок на Мерц од Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ-ЦСУ) со околу 30 отсто. Поради сомневањата за десничарски екстремизам, АфД е под надзор на германските безбедносни служби.
Меркел рече дека „сите демократски партии“ мора да соработуваат за да спречат насилни напади како неодамнешните во Магдебург, Ашафенбург и Берлин. Осомничените за сите три напади се имигранти, поради што мигрантската политика е во фокусот на изборната кампања.
Партиите што останаа во владата по излегувањето на либералите – социјалдемократите и зелените – се прашуваат дали сè уште може да му се верува на Мерц дека нема да формира влада со АфД по вчерашното гласање, наведува Асошиетед прес.
Решен да ја истакне посветеноста на демохристијаните кон намалувањето на илегалната миграција, Мерц му предложи на парламентот закон со кој ќе се вратат уште многу мигранти на границите, иако знаеше дека му е потребна поддршка од пратениците од екстремната десница за да го усвои.
За предлогот гласаа 348 пратеници, против 345, а 10 беа воздржани, што значи дека без поддршката на АфД тој немаше да биде усвоен.
Мерц инсистира дека не соработувал и нема да работи со АфД и тврди дека не го прекршил политичкиот консензус за несоработка со крајнодесничарската партија. Сепак, социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц рече дека лидерот на демохристијанската партија направил „непростлива грешка“.